Американскиот магазин Forbes ја објави листата на најмлади милијардери во светот за 2026 година, а меѓу нив доминираат наследници на големи семејни империи од Европа, особено од Германија и Италија.

Според анализата базирана на податоци на „Форбс“ и визуелизација на Џули Писли за Visual Capitalist, најголем дел од милијардерите помлади од 30 години не се основачи на стартапи, туку наследници на богатства стекнати низ генерации.

На врвот на листата се браќата Клементе и Лука Дел Векио, наследници на италијанскиот гигант Essilor Luxottica, со проценето богатство од по 6,8 милијарди долари. Веднаш зад нив се членовите на германското семејство фон Баумбах, поврзани со фармацевтската компанија Boehringer Ingelheim, секој со богатство од околу 6,6 милијарди долари.

Меѓу најмладите милијардери се и:

  • Кевин Давид Леман од Германија, наследник на синџирот дрогерии dm-drogerie markt, со 4,9 милијарди долари.
  • Александра Андресен од Норвешка, наследничка на инвестициската компанија Ferd, со богатство од 2,5 милијарди долари.
  • Реми Дасо од Франција, наследник на Dassault Aviation, со 2,4 милијарди долари.

Од друга страна, само мал број млади милијардери успеале самостојно да изградат богатство, најчесто преку технолошки компании и вештачка интелигенција.

Меѓу нив е 29-годишниот Александер Ванг, основач на AI-компанијата Scale AI, со богатство од 3,2 милијарди долари. На листата се и тројцата 22-годишни коосновачи на Mercor – Адарш Хиремат, Брендан Фуди и Сурја Мидха – секој со проценети 2,2 милијарди долари.

„Форбс“ наведува дека наследеното богатство убедливо доминира меѓу најмладите милијардери, што покажува дека статусот милијардер сè повеќе се поврзува со долгорочно семејно сопствеништво и акумулација на капитал низ генерации, а сè помалку исклучиво со претприемништво и стартап-култура.

Анализата покажува и силно европско присуство на листата. Германија и Италија имаат најголем број млади милијардери, што е резултат на влијанието на повеќегенерациските индустриски и бизнис династии во Европа.

За разлика од Европа, во САД милијардерската сцена многу повеќе е обликувана од технолошки компании основани од претприемачи, каде богатството често се создава во рамки на една генерација.