Претставниците на Европскиот парламент и земјите-членки на Европската Унија постигнаа договор за укинување на царините за увоз на индустриски производи од Соединетите Американски Држави и намалување на тарифите за дел од земјоделските производи.

Договорот, кој произлегува од трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, склучен минатиот јули, предвидува преференцијален пристап за американски морски плодови и одредени земјоделски производи, како млечни производи, овошје, соино масло, свинско месо и месо од бизон.

Во исто време, договорот содржи и заштитен механизам што ќе ѝ овозможи на ЕУ повторно да воведе царини доколку зголемениот увоз од САД предизвика сериозна штета за европските производители.

Од Советот на Европската Унија соопштија дека Европската комисија ќе може да покрене истрага по барање на земјите-членки, индустријата или синдикатите, или по сопствена иницијатива. Доколку се утврди дека увозот предизвикува штета на европската економија, Комисијата ќе може делумно или целосно да ја суспендира примената на регулативата.

Договорот предвидува и можност Брисел привремено да ги суспендира поповолните услови за увоз на производи од челик и алуминиум, доколку САД до крајот на годината не ги намалат царините за европските производи на 15 проценти.

Бернд Ланге оцени дека договорот ќе придонесе за поголема предвидливост во трансатлантските трговски односи. Сличен став изрази и Михаел Дамијанос, кој порача дека ЕУ останува доверлив партнер во глобалната трговија.

Договорот го поздрави и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која повика процесот на усвојување да биде завршен што е можно побрзо. Според најавите, Европскиот парламент би можел да гласа за договорот во јуни, а неговото стапување во сила би овозможило намалување или укинување на царините пред рокот 4 јули, поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.