Еврозоната забележа значителен пад на трговскиот суфицит во размената со остатокот од светот во првиот квартал од годинава, покажуваат првичните податоци на Евростат.
Во март еврозоната остварила трговски суфицит од 7,8 милијарди евра, што е драстично помалку во споредба со истиот месец минатата година, кога суфицитот изнесувал 34,1 милијарда евра.
На годишно ниво, извозот од еврозоната во март е намален за 5,5 проценти и изнесувал 265,2 милијарди евра, додека увозот пораснал за 4,4 проценти, достигнувајќи 257,4 милијарди евра.
Во февруари трговскиот суфицит на еврозоната изнесувал 11,1 милијарди евра.
Падот на суфицитот најмногу се должи на намалувањето на вишокот во хемиската индустрија, како и во производството на машини и возила. Во хемискиот сектор суфицитот речиси е преполовен – од 41,8 милијарди на 18,9 милијарди евра.
Во текот на целиот прв квартал еврозоната остварила позитивно трговско салдо од 16,6 милијарди евра, што е значително помалку од 55,4 милијарди евра во истиот период лани.
Вкупниот извоз во првите три месеци е намален за 6,5 проценти, на 713,1 милијарда евра. Истовремено, увозот е намален за 1,5 проценти и изнесувал 696,5 милијарди евра.
Трговијата внатре во еврозоната во првиот квартал достигнала вредност од 685,5 милијарди евра, што е за 1,9 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Податоците за целата ЕУ покажуваат дека трговскиот суфицит во март изнесувал 5,9 милијарди евра, во споредба со 34 милијарди евра една година претходно.
Извозот на ЕУ е намален за 8,7 проценти, додека увозот е зголемен за 2,7 проценти.
Резултатот е послаб и во споредба со февруари, кога трговскиот суфицит изнесувал 9,1 милијарда евра. Главна причина за падот е продлабочувањето на дефицитот во енергетскиот сектор, кој се зголемил за речиси седум милијарди евра.
Во првиот квартал ЕУ остварила трговски суфицит од 8,4 милијарди евра, додека во истиот период минатата година суфицитот изнесувал 50,7 милијарди евра.
Во тој период извозот е намален за 8,9 проценти, а увозот за три проценти.
Внатрешната трговија во ЕУ пораснала за 2,7 проценти и достигнала 1,07 трилиони евра.
Најголеми трговски партнери на ЕУ остануваат САД, Кина, Обединетото Кралство, Швајцарија и Турција.
Во март ЕУ остварила трговски суфицит со САД од 13,5 милијарди евра, но и тоа е значително помалку во споредба со 40,4 милијарди евра една година претходно.
Со Кина, пак, ЕУ забележала трговски дефицит од 32,6 милијарди евра.