Иран разгледува план со кој би се барало од големите технолошки компании да плаќаат посебна такса за користење на подводните интернет кабли што минуваат низ Ормускиот теснец. Планот привлече големо внимание бидејќи потенцијално би можел да влијае на компании како што се Google, Microsoft, Meta и Amazon.
Според информациите од иранските медиуми и изјавите на официјални лица, Техеран сака да воведе посебни дозволи и такси за подводни комуникациски кабли што ги поврзуваат Европа, Азија и арапските земји. Портпаролот на иранската војска, Ебрахим Золфагари, јавно потврди дека државата планира да наплаќа за користење на интернет инфраструктурата што минува низ регионот на Ормускиот теснец.
Дополнително, медиумите поврзани со Иранската револуционерна гарда објавуваат дека Иран сака да им даде на локалните компании ексклузивни права за одржување и сервисирање на подводните кабли во областа. Дополнителна загриженост предизвикаа пораките од иранските официјални лица, кои сугерираа дека мрежниот сообраќај би можел да биде нарушен ако компаниите одбијат да ги платат новите такси.
Сепак, многу аналитичари се сомневаат дека таков план реално би можел да се спроведе. Еден од главните проблеми е фактот што американските санкции против Иран практично им забрануваат на повеќето западни компании да вршат какви било финансиски плаќања кон иранските институции. Покрај тоа, сè уште не е сосема јасно дали сите подводни кабли за кои зборува Иран всушност минуваат низ територијалните води на таа земја.
Ормутскиот теснец е една од најважните глобални транспортни и комуникациски точки, па затоа сите проблеми со подводните интернет кабли би можеле сериозно да влијаат на меѓународниот интернет сообраќај и глобалниот пренос на податоци во вредност од неколку трилиони долари годишно.