На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, денеска обвини дека државата се соочува со сериозна буџетска и економска криза, оценувајќи дека Владата предводена од Христијан Мицкоски води политика на неконтролирано задолжување и финансиски колапс.

На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, изјави дека последното задолжување од 260 милиони евра е доказ за, како што рече, лошото управување со јавните финансии.

Според неа, Владата првично барала 300 милиони евра кредит, но банките одобриле помал износ со каматна стапка од 4,5 проценти, што, според СДСМ, покажува недоверба во фискалната стабилност на државата.

Поповиќ посочи дека граѓаните се соочуваат со раст на цените, висока инфлација и зголемени трошоци за живот, додека, како што рече, нема мерки за заштита на стандардот, ниту редовна исплата на плати и социјални трансфери.

Од СДСМ тврдат дека доцни и повратот на ДДВ кон компаниите, што дополнително ја намалува ликвидноста на стопанството и негативно влијае врз економијата.

Партијата обвини и за пад на странските инвестиции, намалување на бројот на вработени во индустријата и раст на јавниот долг, кој според нив достигнал околу 11 милијарди евра.

Поповиќ рече дека СДСМ нема да учествува во работата на Комисијата за финансирање и буџет поврзана со новото задолжување, а најави и кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши.