Европска комисија ја финализираше постапката за потпишување на договорот за заем во рамки на инструментот SAFE со Романија, со што земјата ќе добие пристап до 16,68 милијарди евра европско финансирање за одбрана и стратешка инфраструктура.

Станува збор за второ најголемо финансирање во рамки на Европската Унија преку SAFE, веднаш по Полска. Средствата се наменети за големи инвестиции во одбраната, безбедноста, транспортната инфраструктура и развојот на европската одбранбена индустрија.

Според планот доставен до Брисел, околу 4,2 милијарди евра ќе бидат насочени кон патна инфраструктура од национално значење, додека остатокот ќе се користи за набавка на воена опрема, одбранбени технологии и инфраструктурни проекти поврзани со безбедноста.

Романскиот министер за финансии Александру Назаре изјави дека SAFE не е само финансиски инструмент, туку инвестиција во безбедноста и отпорноста на државата.

„SAFE значи безбедност за Романија, но и една од најважните развојни можности за регионот Молдавија во последните децении“, изјави Назаре.

Тој посочи дека преку програмата ќе се финансираат и клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои делниците Пашкани–Сучеава–Сирет и Таргу Неамц–Јаш–Унгени, со обезбедено финансирање до 2031 година.

Романија го потпиша договорот на 12 мај 2026 година, по одобрување од романската влада и претседателот на државата. Првото повлекување средства е планирано за октомври 2026 година, а периодот на достапност на заемот трае до крајот на 2030 година.

По стапувањето на договорот во сила, Европска комисија може да ѝ исплати на Романија предфинансирање од 15 проценти од заемот, односно околу 2,5 милијарди евра.

Секоја транша од заемот ќе има рок на отплата од 45 години, со грејс период од 10 години.

Средствата ќе ги управува романското Министерство за финансии, додека спроведувањето на проектите ќе биде координирано од кабинетот на премиерот. Во реализацијата ќе бидат вклучени Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, разузнавачките служби, Министерството за транспорт и други институции.