Пред само некој ден градоначалникот на Скопје објави дека испораката на унгарските автобуси „Икарус“ ќе почне за еден месец. Требаше да бидат набавени 150 автобуси

Министерството за транспорт и врски информира дека Државната комисија по жалби за јавни набавки по службена должност донесе решение за поништување на јавната набавка на електрични автобуси и електрични полначи.

„Министерството за транспорт ве известува дека согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“.

Нема никаква информација зошто е поништена јавната набавка. Пред само некој ден градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, тврдеше дека сѐ е во ред со тендерот, дека таака го информирал министерот за транспорт Александар Николоски и дека испораката на автобусите од унгарската компанија „Икарус“ ќе започне за еден месец.

Или Ѓорѓиевски немал информации околу жалбата набавката на автобусите (а преку него и Николоски) или во последен момент се случиле некои неочекувани работи.

Во февруари Министерствто за транспорт објави Јавен повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полнилници. Согласно планот за набавка, 100 автобуси се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за општините.

Согласно критериумите во Јавниот повик, најповолниот понудувач има обврска да произведе и да ги испорача автобусите во следните рокови:

  • 30 автобуси во рок од 6 месеци
  • 60 автобуси во рок од 12 месеци
  • 60 автобуси во рок од 18 месеци

Јавниот повик беше објавен на електронскиот сервис за Бирото за јавни набавки и истиот може да се погледне на следниов линк: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie/fde19674-bc01-4b44-859d-a9202c88f3d3/1

Рокот за доставување на потребната документација e до 30 март 2026 година.

„Набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна политичка определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и останите општини.

Покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија.

Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција  испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги“, соопштија тогаш од Министерството за транспорт.

„Тендерската постапка е завршена, од последните информации што ги имам од министерот за транспорт и врски и премиерот, рокот за жалби истекува и очекуваме дека за приближно еден месец да започне снабдувањето со 100 нови автобуси што ќе ги добие Градот Скопјe… Имено ќе пуштиме во употреба 100 нови еколошки, електрични автобуси, кои ќе циркулираат по линиите на Градот Скопјe. Уште повеќе, еден од процесите што беше блокиран, а тоа е Брз автобуски превоз, проект за кој мислам дека Коце Трајановски прв излезе со таа идеја, потоа Петре Шилегов продолжи како поранешен градоначалник, но поранешната градоначалничка Данела Арсковска целосно го блокираше процесот, тој веќе е во прогресивна фаза и очекуваме градежните активности да започнат на почетокот на следната година“, рече градоначалникот на Скопе, Орце Ѓорѓиевски, пред некој ден.

Претходно, понудата на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“ беше избрана како најповолен понудувач на јавниот повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење.

Според тогашните информации, понудената цена изнесувала 19.350.000 денари, односно околу 314 илјади евра по автобус, што беше оценето како конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси. Вкупно за автобусите требаше да се платат 47 милиони евра.

Согласно одлуката, унгарската компанија „Икарус“ требаше да ги испорача електричните автобуси, додека австриска „ЕВН“ беше задолжена за поставување на станиците за полнење.

Автобусите требаше да имаат максимална моќност од најмалку 300 kW, капацитет за минимум 66 патници и автоматски регулиран систем за ладење и греење.

Во договорот беше предвидено избраниот економски оператор да врши тековно одржување и сервисирање на возилата, како и да обезбеди резервни делови во период од 10 години од нивното пуштање во употреба.

Планот предвидуваше првите 30 автобуси и 15 електрични станици да бидат испорачани во рок до шест месеци по склучувањето на договорот, а останатите возила и полначи во наредните 12 и 18 месеци. (Н.В.)