ПОВТОРНО ОДЛОЖЕН РОКОТ ЗА ИСПЛАТА НА ОКОЛУ ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ПРЕМИИ

Исплатата на субвенциите за тутунот повторно се одложи и покрај тоа што претходно беа утврдени два крајни рока: 30 април и 20 мај. Од Платежната агенција најавуваат дека средствата ќе почнат да се префрлаат во првата недела од јуни, по завршувањето на засилените теренски контроли. Дел од производителите се жалат дека добиле решенија за поврат на претходно исплатени субвенции, по контролите, кои утврдиле неправилности. Тутунарите се незадоволни во услови кога се соочуваат со зголемени трошоци, а тоа им ја подгрева неизвесноста во подготовката на сеидбата на новата реколта

Додека тутунарите ја расадуваат новата реколта и се соочуваат со сè повисоки трошоци за производство, дополнителна тензија им прави информацијата околу неизвесната исплата на субвенциите. Иако премиите за тутунот во изминатите три години се исплаќаа во април, годинава поминаа и двата крајни датуми за исплата: 30 април и 20 мај и не легнаа пари на сметките на производителите. Најновата најава од Платежната агенција е дека исплатата ќе стартува во првата недела од јуни, кога на 15.286 тутунари треба да им бидат префрлени околу две милијарди денари.

Информациите од Платежната агенција велат дека доцнењето е резултат на засилените теренски контроли за сите мерки од Програмата за 2025 година, вклучително и контролите за предадениот тутун од реколтата 2024 година. Токму тие контроли предизвикаа ново незадоволство кај тутунарите. Платежната агенција веќе испратила решенија до 91 производител со барање да вратат вкупно 20,9 милиони денари субвенции, откако инспекциите утврдиле разлики меѓу пријавените и реално произведените количини тутун. Во дел од случаите, според Агенцијата, отстапувањата биле поголеми од 30 проценти.

– Една количина тутун била сработена, а друга повисока пријавена за да се земат повеќе субвенции – наведуваат од Платежната агенција, од каде што тврдат дека во секое решение прецизно е наведено каде е утврдена разликата.

Ваквиот потег предизвика револт меѓу дел од производителите, особено затоа што барањата за поврат стигнуваат во период кога веќе се вложени парите во новото производство. Тутунарите реагираат дека без субвенциите, тешко ќе ја затворат финансиската конструкција за новата реколта, во услови кога поскапуваат дизелот, ѓубривата и репроматеријалите. Тие не се согласуваат што се одолговлекува исплатата во услови на драстичен пораст на трошоците за производство и бараат од институциите објаснување за враќање на парите.

– Тутунарите не можат да вратат по неколку илјади евра кога веќе ги вложиле средствата во производството – вели поранешниот координатор на тутунарските здруженија, Игор Мирчески.

Сепак, на терен има и поделени ставови. Дел од тутунарите сметаат дека секој што нереално пријавувал површини или количини, треба да ги врати парите во државната каса, а средствата да се насочат кон редовната исплата на субвенциите за годинава.

Во меѓувреме, не чекаат само тутунарите. Неисплатени субвенции има и за сточарите, полјоделците, градинарите и пчеларите, а земјоделските здруженија предупредуваат дека вкупните долгови на државата кон секторот достигнуваат десетици милиони евра. Дополнителна нервоза создава и фактот што сè уште нема ниту најава за старт на аплицирањето за мерките од Програмата за земјоделство за 2026 година, иако роковите според уредбата веќе течат.