Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја прифати поканата од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за средба околу економските политики, но побара разговорот да биде јавен и пред медиумите.
„Министерката Кочоска нè повикува на средба за ‘убаво да ги објасниме работите’. Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери“, порача Филипче.
Тој побара средбата да биде целосно отворена за јавноста.
„Отворете ги вратите широко, нека слушаат и нека гледаат граѓаните“, наведе лидерот на СДСМ.
Филипче ја обвини министерката дека се обидува да ја претстави економската состојба подобра отколку што е, посочувајќи дека Владата нуди „политички конструкции“ наместо реални одговори.
„Нека ни објасни како 1 + 2 = 5, како што објаснуваше дека половина Европа ќе банкротира, а Македонија ќе стане богата“, рече тој.
Според Филипче, СДСМ е подготвен за „отворена дебата со бројки“.
„Граѓаните заслужуваат вистина, а не ново алиби за катастрофалното водење на финансиите“, порача лидерот на опозициската партија.