MMF предупредува дека ЕУ може да се соочи со значителен раст на јавниот долг ако не се спроведат итни структурни и фискални реформи.

ММФ алармира дека земјите од се изложени на ризик од сериозен раст на јавниот долг во следните децении, доколку не се преземат навремени економски и структурни реформи. Според анализите презентирани пред министрите за финансии на ЕУ, јавниот долг во повеќе европски држави би можел значително да се зголеми до 2040 година, достигнувајќи ниво од околу 130 проценти од бруто-домашниот производ во просечна економија.

Како клучни фактори за овој притисок се наведуваат зголемените трошоци за одбрана, енергетската транзиција, стареењето на населението и растечките обврски кон пензиските системи.

Експертите на ММФ предупредуваат дека сегашните политики не се доволни за справување со долгорочните предизвици и дека е потребен координиран пристап со длабоки структурни реформи, подобрување на пазарот на труд и стимулирање на инвестициите.

Меѓу предложените мерки се и постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, интеграција на енергетските пазари и поголема фискална дисциплина на национално ниво. Во меѓувреме, повторно се отвора дебата во рамки на ЕУ за можноста за заедничко задолжување за стратешки проекти, но земјите членки остануваат поделени околу ова прашање.

И покрај различните ставови, европските институции признаваат дека стабилноста на јавните финансии ќе биде еден од клучните предизвици за економската иднина на континентот.