Европска Унија ги предупреди европските компании да ја намалат зависноста од добавувачи од Кина поради растечките трговски тензии меѓу Брисел и Пекинг.

Еврокомесарот за индустрија Стефан Сежурне порача компаниите да не се потпираат само на една земја за снабдување.

„Не набавувајте ја целата стока од една држава“, изјави Сежурне по состанокот на министрите за трговија на 27-те земји членки во Брисел.

Тој додаде дека глобалната геополитичка ситуација покажува оти синџирите на снабдување мора повеќе да се потпираат и на европско производство.

Минатата година Кина го ограничи извозот на ретки метали и чипови, кои се клучни за зелените технологии, автомобилската и одбранбената индустрија во ЕУ.

Според „Euronews“, Европска комисија веќе работи на предлог со кој производителите на автомобили би биле обврзани да набавуваат чипови од повеќе различни добавувачи.

Односите меѓу Брисел и Пекинг дополнително се влошија откако ЕУ најави законски мерки за ограничување на кинескиот пристап до европскиот пазар, вклучително и можни ограничувања за кинеските телекомуникациски компании.

Пекинг претходно се закани со контрамерки доколку ЕУ продолжи со ваквите политики.