Македонијатурист продава дел од своите познати објекти во Скопје, а паралелно инвестира во нова атрактивна локација во Општина Аеродром.

Компанијата донела одлука да ги отуѓи хотелите „Бристол“ и „Јадран“, познат и како Арапска куќа, заедно со дополнителен недвижен имот во централното градско подрачје. Одлуката била усвоена на седница на Собранието на акционери одржана на 22 мај, а информацијата е објавена преку Македонската берза.

Покрај двата хотела, во продажба ќе бидат понудени и станови на улицата „Максим Горки“, како и деловниот објект „Пивница“. Продажната вредност на имотите ќе биде утврдена со проценка од овластен проценител, а Управниот одбор добил овластување за склучување на договорите.

Истовремено, Македонијатурист планира голема инвестиција во Аеродром, каде ќе купи градежна парцела од над 8.000 квадратни метри за сума од 17,7 милиони евра.

Станува збор за атрактивна локација во Реонски центар, наменета за изградба на станбено-деловен комплекс. Од компанијата очекуваат идниот проект да носи значителни приходи преку продажба и издавање на просторот.

Во портфолиото на компанијата и понатаму остануваат хотелите „Белви“, „Бест Вестерн Хотел Турист“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј Ин“, кои продолжуваат со редовно работење.