Управата за јавни приходи ги потсети даночните обврзници дека крајниот рок за проверка и потврда на Годишната даночна пријава за остварените приходи во 2025 година истекува на 1 јуни 2026 година.
Од УЈП појаснуваат дека рокот е продолжен бидејќи 31 мај паѓа во недела, па граѓаните треба најдоцна до 1 јуни преку системот „е-Даночни услуги“ да извршат увид и да ја потврдат или коригираат својата пријава.
По истекот на рокот, односно од 2 јуни, сите непотврдени годишни даночни пријави ќе се сметаат за конечни, додека коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице на УЈП.
Според податоците на Управата, за 2025 година биле генерирани вкупно 862.896 даночни пријави, што е за повеќе од 21 илјада повеќе во споредба со претходната година. Досега биле потврдени 27.788 пријави.
Од УЈП посочуваат дека податоците од ДЛД-ГДП се користат за издавање уверенија за остварен доход и за остварување права пред други институции.
Дополнително, граѓаните кои во 2025 година оствариле доход поголем од два милиони денари по основ на изнајмување деловен простор, услуги или продажба на земјоделски производи, може да имаат обврска за регистрација како ДДВ-обврзници.
Кај лицата кај кои е утврдена обврска за доплата на данок, по истекот на рокот УЈП ќе генерира налог за доплата со фолио број, додека обврзниците со повеќе платен данок ќе можат да поднесат барање за поврат.