Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), највисоки стапки на нето штедење кај домаќинствата во Европа во текот на 2024 и 2025 година бележат Шведска и Унгарија. Во овие земји граѓаните успеваат да заштедат дури 14,7 проценти од расположливиот приход.

Веднаш зад нив, со повеќе од 10 проценти, се наоѓаат Чешка, Франција, Германија и Холандија.

Во групата држави кои се над европскиот просек се и Шпанија и Ирска, со 9,2 и 9 проценти нето штедење.

Иако важат за стабилни економии, Велика Британија и Италија имаат изненадувачки ниски стапки на нето штедење од 4,7 и 3,2 проценти. Во оваа категорија спаѓаат и Данска со 7,5 проценти и Финска со 4,4 проценти.

На дното на листата се наоѓаат Естонија, Литванија, Португалија и Словачка, каде стапката на штедење е под 4 проценти. Во Летонија, пак, домаќинствата практично го трошат секое евро што го заработуваат.

Од друга страна, Грција е единствената европска држава во која домаќинствата се „во минус“. Тоа значи дека граѓаните трошат повеќе отколку што заработуваат, а разликата ја покриваат преку заштеди или задолжување. Негативната стапка на штедење во Грција изнесува дури -9,3 проценти.

Експертите објаснуваат дека причините за ова треба да се бараат во должничката криза од 2010 година, која ја турна грчката економија во негативни статистички показатели, од кои државата сè уште целосно не закрепнала.

Според анализите, Европејаните денес штедат првенствено од претпазливост. Стравот од економска нестабилност, високите животни трошоци и неизвесната иднина ги тера граѓаните да оставаат пари „за црни денови“. Пензијата останува главен мотив за штедење.

Интересно е што Европа штеди значително повеќе од САД. Во еврозоната просечната стапка на штедење кај домаќинствата се движи околу 14 до 15 проценти, додека во САД таа е повеќекратно пониска.