Во првото тримесечје од 2026 година невработеноста во Македонија е намалена, но бројот на неформално вработени лица пораснал за 4,3 проценти.

Бројот на невработени лица во земјава е намален во првите три месеци од 2026 година, но истовремено расте неформалната вработеност, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Според ДЗС, во првото тримесечје од годинава бројот на невработени е намален за еден процент во споредба со претходниот квартал, а за 2,3 проценти во однос на истиот период лани.

Во земјава се евидентирани 90.499 невработени лица, додека бројот на вработени изнесува 707.385. Стапката на невработеност е 11,3 проценти, а стапката на вработеност достигнува 46,5 проценти.

Од вкупниот број невработени, 62,4 проценти се мажи, а 37,6 проценти се жени. Кај вработените, мажите учествуваат со 57,9 проценти, додека жените со 42,1 процент.

Активното население во државата брои 797.884 лица, а стапката на активност изнесува 52,5 проценти.

Иако статистиката покажува благо подобрување кај невработеноста, загрижува растот на неформалната вработеност. Во првите три месеци од годинава неформално биле ангажирани 94.197 лица, што е зголемување од 4,3 проценти во однос на претходното тримесечје.

Најголем дел од неформално вработените работат во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, каде се ангажирани 43,6 проценти од нив. Во градежништвото, пак, работат 17,5 проценти од неформално вработените.

Најновите податоци укажуваат дека пазарот на трудот бележи благо намалување на невработеноста, но и паралелен раст на бројот на лица кои работат надвор од формалните работни односи.