Трошоците за живот во Исланд ги надминаа трошоците за живот во Швајцарија, што ја прави оваа земја повторно најскапа земја во светот, објави исландскиот синдикат Виска, повикувајќи се на податоци од Евростат и Централната банка на Исланд. Економистот од споменатиот синдикат Вихјалмур Химарсон изјави дека цените во Исланд сега се за три проценти повисоки отколку во Швајцарија. Последен пат ова беше случај во 2018 година.

Овие податоци се уште една причина зошто финансиската прифатливост на животот во Исланд е проблематична. Високите плати, економијата базирана на силен туризам, скапите недвижности и зависноста од увоз придонесоа оваа земја да биде најскапа за живеење во светот.

Проценката на синдикатот се базира на меѓународна споредба на цените. Имено, тие споредија колку чинат истите производи и услуги во различни земји. Со таа споредба, тие утврдија дека вкупните трошоци се повисоки отколку во Швајцарија, пишува порталот НордискПост.