Иако Хрватска најави дека од 1 јануари 2027 година ќе го укине данокот на доход од пензии, повеќето европски држави и натаму ги оданочуваат пензиските примања, но со различни олеснувања и поволности за пензионерите.

Во Европа пензиите генерално се третираат како вид приход, а не како социјална помош. Затоа тие остануваат дел од даночниот систем, при што за лицата со пониски примања се предвидени посебни даночни олеснувања, одбитоци и неопорезливи прагови.

Во Хрватска во моментов данок се плаќа на делот од пензијата што надминува 600 евра, а пензионерите имаат и дополнително намалување на даночната стапка од 50 проценти. Од 2027 година, пензиите до 5.000 евра месечно ќе бидат целосно ослободени од данок.

Германија применува преоден модел на оданочување што зависи од годината на пензионирање. За 2026 година основниот неопорезлив износ изнесува 12.348 евра годишно, а над тој праг се применува прогресивно оданочување.

Во Австрија пензиите се оданочуваат како доход, а данокот се пресметува при исплатата. Неопорезливиот праг изнесува 13.541 евро годишно, по што следуваат прогресивни стапки од 20 до 55 проценти. Во оваа земја се оданочуваат и дополнителните пензиски исплати, вклучувајќи ги 13-тата и 14-тата пензија.

Ирска, исто така, не ги ослободува сите пензии од данок. Лицата постари од 65 години не плаќаат данок доколку нивниот годишен приход не надминува 18.000 евра, додека над овој износ пензиите влегуваат во даночниот систем.

Во Словенија постојат повеќе олеснувања за пензионерите. Редовните приматели на пензија имаат општа даночна олесница од 5.551,93 евра годишно, како и дополнителна пензиска олесница од 13,5 проценти од износот на пензијата. Од март 2026 година, аконтацијата на данок почнува да се одбива само за пензии повисоки од 1.729 евра месечно.

Италија ги третира пензиите како оданочив приход преку системот IRPEF. За 2026 година се применуваат три основни стапки – 23 проценти за приходи до 28.000 евра, 33 проценти за делот меѓу 28.000 и 50.000 евра и 43 проценти за приходи над 50.000 евра.

Слична практика има и во Шведска, каде пензиите се оданочуваат преку локалниот данок на доход. Во 2026 година просечната стапка изнесува околу 32,38 проценти, со разлики меѓу општините. За нерезидентите што примаат шведска пензија се применува посебен данок, кој годинава е намален на 22,5 проценти.

Податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека пензионерите во развиените земји вообичаено плаќаат помалку даноци и придонеси од работниците со ист приход, но пензиите речиси никаде не се целосно изземени од даночниот систем. Според ОЕЦД, просечната вкупна стапка на даноци и придонеси за пензиски приходи изнесува околу 15 проценти, што е за приближно 12 процентни поени помалку во споредба со вработените со исто ниво на приходи.