Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на регионален семинар во Приштина порача дека криптопазарот во земјава сѐ уште е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност, но нагласи дека е неопходна јасна регулаторна рамка усогласена со европските стандарди. Тој истакна дека Народната банка ги следи глобалните трендови и ги анализира можностите за евентуално воведување дигитален денар.
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, учествуваше на Регионалниот семинар „Криптосредства и дигитални пари“ во Приштина, каде што гувернери, претставници на централни банки и финансиски експерти од регионот дискутираа за предизвиците и можностите што ги носи дигитализацијата на финансискиот систем.
На панел-дискусијата посветена на регулативата за криптосредствата и дигиталните пари, Славески посочи дека забрзаниот развој на дигиталните форми на пари може да придонесе за поефикасни плаќања и поголема финансиска вклученост, но истовремено отвора прашања поврзани со финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите и спречувањето перење пари.
„Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди“, истакна Славески.
На семинарот беше разгледано и влијанието на дигиталните пари врз монетарната политика, со посебен акцент на можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз малите и отворени економии. Според учесниците, централнобанкарските дигитални валути можат да помогнат во зачувувањето на монетарниот суверенитет и модернизацијата на платните системи.
Славески нагласи дека Народната банка внимателно ги следи меѓународните трендови и регулаторните иницијативи во областа на дигиталните средства и, во соработка со меѓународни институции, меѓу кои и Светската банка, ги анализира можностите и влијанијата од евентуално воведување дигитален денар.
Тој оцени дека криптосредствата и дигиталните пари сѐ повеќе стануваат дел од современиот финансиски систем, но нивниот развој мора да биде придружен со соодветна регулатива, ефикасен надзор и внимателно управување со ризиците.