Лидерите на Европската унија вчера во Брисел претставија пакет за таканаречен технолошки суверенитет, со цел зајакнување на европските капацитети за чипови, облак услуги и вештачка интелигенција.

Пакетот доаѓа во време кога во Брисел расте загриженоста за зависноста на континентот од американските компании во вештачката интелигенција и облак компјутерството, како и од Азија за микрочипови. Европските претставници предупредуваат дека таквите зависности би можеле да се искористат против европските интереси.

Стравувањата се дополнително зголемени откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд беше погоден од санкции од администрацијата на Доналд Трамп, што доведе до затворање на неговиот имејл на Мајкрософт и го покрена прашањето за евентуален „прекинувач“ во рамките на американските технолошки услуги

Извршната потпретседателка на Европската комисија, Хена Виркунен, задолжена за технолошкиот суверенитет, изјави во Брисел: „Европа сака да биде во позиција сама да донесува одлуки, избегнувајќи ризични зависности од индивидуални доминантни добавувачи, една компанија или една трета земја“.

Таа додаде дека живееме во свет каде што геополитиката и технологијата одат рака под рака.

Оние кои ги предводат технолошките иновации ќе ја обликуваат иднината и ние мора да се осигураме дека Европа игра водечка улога во ова.

Еден од клучните делови од пакетот е продолжувањето на Законот за чипови од 2023 година, со нови мерки за зголемување на локалното производство на полупроводници, намалување на административните бариери за фабриките за чипови и развој на европски екосистем за нивно производство.

Потребата за ова беше дополнително демонстрирана минатата година со борбата за контрола на Nexperia, кинески производител на чипови со седиште во Холандија.

Во исто време, Европската унија планира да инвестира многу во домашен развој на облачна инфраструктура и вештачка интелигенција, со цел тројно зголемување на капацитетот на центрите за податоци во следните пет до седум години. Предлозите на Европската комисија сега треба да се дебатираат во Европскиот парламент и Советот на Европската Ужунија пред да можат да бидат усвоени.