Потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини повторно ги повтори претходните барања водечките банки во земјата, пред сè „Интеза Санпаоло“ и „Уникредит“, да дадат финансиски придонес за поддршка на домашната економија.

Зборувајќи во Милано, Салвини истакна дека двете најголеми италијански банки ќе ја завршат тековната година, која била исклучително тешка за поголемиот дел од семејствата, со историски профит од дури 20 милијарди евра, пренесува „Блумберг“.

Според планот на Салвини, дел од парите собрани од банкарските профити би биле директно насочени во државни програми за помош на семејствата при купување на прв станбен објект.

Неговата политичка партија Лига, која е дел од владејачката коалиција на премиерката Џорџа Мелони, веќе подолго време гласно се залага за оданочување на екстра профитите на банкарскиот сектор во корист на економскиот раст на земјата.

Ова не е прв пат официјален Рим да се обидува да воведе дополнителни давачки за финансиските институции.

Сличен обид во 2023 година, кој предвидуваше данок од 40 отсто на неочекуваната добивка на банките, пропадна по остра реакција на финансиските пазари, додека подоцнежните поумерени давачки, договорени во соработка со самите кредитори, донесоа минимални средства во буџетот.

Притисокот врз италијанскиот буџет е голем, бидејќи се предвидува дека италијанската економија годинава ќе расте со стапка од само 0,6 отсто, што е пониско од претходните проценки.

Со јавен долг кој е далеку над 130 отсто од бруто домашниот производ (БДП) и минатогодишен дефицит од 3,1 отсто, владата во Рим има ограничен простор за државна потрошувачка и итно ѝ се потребни дополнителни средства, наведува агенцијата „Блумберг“. објави Скопје1.мк