Европската Унија подготвува итен пакет помош од 500 милиони евра за поддршка на земјоделскиот сектор, поради наглиот раст на цените на вештачките ѓубрива и енергенсите, предизвикан од нарушувањата на светските пазари по затворањето на Ормутскиот теснец.

Според германските медиуми, Европската комисија предупредува дека без брза реакција постои ризик дел од земјоделците да го намалат или целосно да се откажат од есенското и зимското сеење, што би можело да влијае врз идното снабдување со храна во Европа.

Предлогот предвидува активирање на средствата од земјоделската резерва во рамките на Заедничката земјоделска политика, од каде што веднаш би се обезбедиле околу 200 милиони евра. За преостанатите 300 милиони евра Европската комисија побара итно одобрување од земјите членки и Европскиот парламент.

Еврокомесарот за земјоделство, Кристоф Хансен, предупреди дека ситуацијата бара брза и координирана акција за да се избегнат дополнителни потреси во аграрниот сектор.

Причина за загриженоста е скокот на цените на природниот гас, кој претставува основна суровина за производство на азотни ѓубрива. Затворањето на Ормутскиот теснец ги наруши испораките на нафта и течен природен гас, што доведе до нов ценовен шок на европскиот пазар.

Во обид да го намали притисокот, Брисел одлучи привремено да ги суспендира увозните давачки за одредени азотни ѓубрива и суровини до крајот на мај 2027 година. Се проценува дека оваа мерка ќе донесе заштеда од околу 60 милиони евра.

Паралелно, Европската комисија работи на долгорочни решенија за намалување на зависноста од увоз на енергенси и поттикнување на употребата на поодржливи, органски алтернативи во земјоделството.