Американската инфлација во мај се искачи на 4,2 проценти, највисоко ниво од 2023 година. Главна причина е поскапувањето на горивата, а растат и очекувањата за ново зголемување на каматните стапки.

Годишната инфлација во Соединетите Американски Држави достигна 4,2 проценти во мај, што е највисоко ниво во последните три години, покажуваат најновите податоци на американското Министерство за труд. Главна причина за растот е значителното поскапување на горивата, кое повторно ги зголеми трошоците за домаќинствата и ја намали веројатноста за намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви.

Инфлацијата се зголеми од 3,8 проценти во април на 4,2 проценти во мај, што претставува трет последователен месечен раст. На месечно ниво, потрошувачките цени пораснале за 0,5 проценти. Иако енергетските производи имаат најголемо влијание врз новиот инфлаторен бран, таканаречената базична инфлација, која не ги вклучува храната и енергијата, останува релативно стабилна. Таа во мај изнесувала 2,9 проценти на годишно ниво, во споредба со 2,8 проценти во април.

Поскапувањата сепак се чувствуваат во повеќе сектори. Цените на облеката пораснале за 4,8 проценти во споредба со лани, авионските билети се поскапи за речиси 27 проценти, додека цената на електричната енергија е повисока за 5,9 проценти. Аналитичарите посочуваат дека клучен фактор за растот на цените е ситуацијата на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето со нафта по затворањето на Ормускиот теснец. Во мај просечната цена на бензинот во САД достигнала 4,49 долари за галон, што е значително повеќе од априлските 4,04 долари.

Зголемените цени на дизелот дополнително ги покачија транспортните трошоци, поради што големи компании воведоа дополнителни надоместоци за гориво. Економистите предупредуваат дека тоа би можело дополнително да влијае врз цените на храната и другите производи. Новите податоци ја комплицираат и монетарната политика на американската централна банка. Иако на почетокот од годината се очекуваше намалување на каматните стапки во текот на 2026 година, сега сè повеќе аналитичари сметаат дека Федералните резерви би можеле дури и да ги зголемат каматите до крајот на годината за да ја стават инфлацијата под контрола.

Сепак, американскиот пазар на труд останува стабилен, а економијата продолжува да расте, што им дава дополнителен простор на креаторите на монетарната политика да бидат повнимателни во носењето на следните одлуки. Инфлацијата во САД достигна 4,2%: Горивата ја турнаа на највисоко ниво во последните три години.