Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, побара од Собранието да ги тргне од дневен ред предложените измени на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, кои се поврзуваат со изградбата на големи дата-центри во државата. Според него, јавноста не располага со доволно информации за проектите, нивните инвеститори, енергетските потреби и економските ефекти, поради што не смее да се носат законски решенија без широка јавна дебата.

 

Образложувајќи го барањето, Мециновиќ оцени дека државата повторно ризикува своите ресурси да ги стави во функција на странски компании, додека придобивките за граѓаните остануваат неизвесни.

Тој посочи дека најголем проблем претставува недостатокот на транспарентност околу целиот процес, нагласувајќи дека сè уште нема јасни информации за големината на дата-центрите, инвеститорите, локациите и можните даночни поволности.

Според Левица, дата-центрите можат да станат големи потрошувачи на електрична енергија без значителна општествена корист.

Тој оцени дека енергетските ресурси треба да бидат насочени кон потребите на домаќинствата, јавните услуги и домашното производство, наместо кон профитот на мултинационални компании.

Мециновиќ додаде дека доколку државата обезбедува земјиште и инфраструктура под поволни услови, граѓаните имаат право да очекуваат значителен економски бенефит.

Левица смета дека пред донесување на вакви законски измени мора да се отвори широка јавна расправа за ефектите врз енергетскиот систем, економијата и развојните приоритети на државата.