Земјите-членки на Европската Унија постигнаа договор за воспоставување европски деловен паричник, дигитална алатка која треба да ја поедностави и обезбеди прекуграничната комуникација меѓу компаниите, како и меѓу бизнисите и јавната администрација.

Новото решение ќе им овозможи на компаниите да дигитализираат голем број административни процеси и безбедно да разменуваат документи при работење во различни земји од Унијата.

Според претставниците на ЕУ, деловниот паричник ќе придонесе за намалување на административните бариери, зајакнување на единствениот пазар и поттикнување на конкурентноста и иновациите во европската економија.

Компаниите што ќе го користат системот ќе можат дигитално да го потврдуваат својот деловен идентитет, да складираат и споделуваат доверливи документи, како и електронски да потпишуваат дозволи, сертификати и други официјални документи. Предвидена е и можност за пренесување овластувања на законски застапници.

Дополнително, алатката ќе овозможи сигурна комуникација со други компании и институции преку единствен дигитален канал.

Од Советот на ЕУ нагласуваат дека европскиот деловен паричник нема да ги замени постојните национални системи за комуникација меѓу компаниите и јавните институции, туку ќе функционира како нивно дополнување. Новиот дигитален модел ќе има ист правен статус како и традиционалните процедури базирани на хартиена документација.

За зајакнување на сајбер-безбедноста, ЕУ воведува построги критериуми за давателите на услуги, а националните регулатори ќе имаат рок од 60 дена за оценување на поднесените барања.