Апликацијата „МојДДВ“, која ја користат стотици илјади граѓани за да добијат поврат на дел од парите потрошени за данок на додадена вредност во трговијата, пет дена беше целосно блокирана, односно не функционираше.

Управата за јавни приходи (УЈП) денеска соопшти дека проблемот е целосно отстранет и дека апликацијата е повторно достапна и функционира за сите корисници.

Како што наведе УЈП, прекинот во функционирањето на апликацијата се случил поради „технички прилагодувања и неопходна надградба на целиот систем“.

По завршувањето на овие процеси, системот е повторно активен и достапен за корисниците на оперативните системи „Андроид“и „иОС“, велат од Управата.