До крајот на оваа недела ќе биде усвоен ребалансот на буџетот, вели премиерот Христијан Мицкоски, па следната недела ќе го пуштат документнот на усвојување во законодавниот дом.

Христијан Мицкоски премиер

„Очекувам оваа недела ребалансот да помине на владина седница и да се најде во Парламентот.“

Ставот на владата е дека ребалансот ќе биде изработен во согласност со среднорочната фискална рамка и стратешките приоритети на Владата. Како што претходно наведоа, меѓу клучните цели остануваат одржувањето на стабилни јавни финансии, фискалната консолидација, инфраструктурниот развој, енергетската транзиција и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.

А дека планирањето и трошењето на државните пари не одат баш како што е предвидено, покажува и истражувањето на Институтот за економски анализи Finance Think. Усвоената фискална стратегија според експертите има големи недостатоци особено во делот на буџетскиот дефицит, кој пак најчесто е причина за ребаланс во тековната буџетска година. Од Finance Think за Телевизија 24 посочија дека проблематично е тоа што трет пат по ред властите го одложуваат правилото за буџети, дефицитот да не надмионува 3% од БДП. Секое одложување според експертите значи повеќе камати, помал фискален простор и поголема изложеност на ризик при нови шокови. Кога исклучокот станува правило, тоа го губи кредибилитетот.

Речиси и да нема година во која нема прекројување на државната каса. Од октомври до декември се подгорвуваа приходната и  расходната страна, односно како ќе се полни и како ќе се трошат парите на граѓаните, но потоа кога работите не одат како што е планирано властите решаваат да ги прераспределат парите за најприоритетните проекти кои им се во моментот. Кои институции ќе останат без најавените проекти а кои ќе добијат екстра средства ќе се знае од следната недела.