За првпат, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи смета дека капиталните расходи се само алиби. Поголем дефицит значи и нови задолжувања

За дури 114,2 милиони евра, или за 17,9 проценти е зголемен буџетскиот дефицит предвиден со ребалансот на буџетот во однос на основното планирање на државната каса за 2026 година. Во основниот буџет разликата меѓу приходите и расходите, која мора да се пополни со задолжувања, беше планирана на 638 милиони евра, а со усвоениот ребаланс на Владата, таа разлика стана дури 752,3 милиони евра. Во однос на планираниот бруто-домашен производ (БДП) за 2026 година, ова е зголемување на буџетскиот дефицит од 3,5 на 4,1 процент, нешто што е спротивно и на нашата законска регулатива, која ја поставува горната граница за буџетскиот дефицит на 3 проценти од БДП.

Со ребалансот на буџетот има зголемување и на приходната и на расходната страна. Но, додека на приходната планираното зголемување е за 1,2 проценти, односно од 6,09 милијарда евра на 6,17 милијарди евра, зголемувањето на расходната страна е за 2,8 проценти – од 6,73 милијарди евра на 6,92 милијарди евра. Оттука и раст на буџетскиот дефицит, но од Владата смируваат дека парите ќе се користат за инфраструктурни проекти што ќе значат раст на економијата. Сепак, расходната страна се зголемува за речиси 179 милиони евра, а капиталните расходи за 92,6 милиони евра.

Со ребалансот, капиталните расходи се планирани на ниво од 745 милиони евра, а во основниот буџет тие беа 652,4 милиони евра.

– За првпат зголемувањето на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Особено значајно е што со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Не зборуваме за дефицит што финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој – потенцираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на презентацијата на усвоениот Предлог-ребаланс на буџетоит од страна на Владата.

Министерката појасни дека дополнителните средства ќе бидат насочени кон спроведување капитални проекти од стратегиско значење за државата, меѓу кои се изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, изградбата на железничкиот Коридор 8, инвестициите во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, изградба и реконструкција на училишта, градинки, студентски домови, како и инвестиции во руралниот развој и модернизацијата на земјоделството. Значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините.

Сепак, за поранешниот вицепремиер за економски прашања, а сегашен пратеник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, капиталните расходи се само алиби за зголемениот буџетски дефицит.