Заклучно со 2024 година, МЕПСО за земените заеми исплатил за провизии 8 996 052 евра кои биле само за одобрување, камати и за неповлечени средства
Ревизорите алармираат дека мора да се санира оштетената фасада на зградата во центарот на Скопје. За нејзината реконструкција во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 8 866 400 евра.
Далноводи без имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост, неправилности во вработувањето се само дел од неправилностите што Државниот завод за ревизија ги открил во работењето на Акционерското друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, (АД МЕПСО Скопје) за 2024 година
Повеќе од половина далноводи немаат имотен лист
Ревизорите откриваат податоци за сопственоста на клучната енергетска инфраструктура во земјава. Преносната мрежа интегрира 112 далноводи, но 59 од нив се без имотни листови.
Постојат нерешени прашања за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост со ЕВН Македонија, но во Катастарот се запишани само на име на приватната компанија или, пак, се во постапка на запишување на права на сопственост. За ова дури во 2025 година е формирана работна група која договорила процесот да се реализира во два фази.
Поради сметководствени евиденции по различни сметки и со неусогласени називи, ревизорите нагласуваат дека не е можно да се потврди точниот број и вредност на далноводите и трафостаниците.
„Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје“,
се вели во извештајот на ревизорите.
Платени 9 милиони евра само за камати и провизии за неповлечени кредити
МЕПСО со години користи меѓународни кредитни линии за модернизација, но парите стојат неискористени поради бавна реализација на проектите, што создава дополнителни трошоци за провизии и камати.
Во извештајот се вели дека од одобрени тековни заеми во вредност од 102 400 000 евра, дури 53 434 992 евра воопшто не се повлечени. Затоа што парите стојат на сметка, само во 2024 година се платени 245 629 евра за провизија или околу 2,6 милиони евра за периодот откако се одобрени заемите, сè до крајот на 2025 година.
Заклучно со 2024 година, МЕПСО за земените заеми исплатил за провизии 8 996 052 евра кои биле само за одобрување, камати и за неповлечени средства.
Како пример се посочува заемот од ЕБРД од 26,4 милиони евра од јуни 2024 година за далноводот Валандово – Милетково, каде активност за изградба уште нема, а веќе се платени 155 672 евра само како провизија за неповлечените пари. Најекстремен пример за доцнење е проектот за реконструкција на далноводот „Битола 1 – Прилеп“, каде што рокот е пролонгиран дури за 5 години и 8 месеци.
Заемите за други државни фирми зголемени за 10 пати
Ревизорите утврдиле и дека иако на компанијата давањето заеми не ѝ е основна дејност, таа сепак делела заеми на други акционерски друштва во државна сопственост, со што сериозно си ја загрозила нејзината ликвидност.
Побарувањата по дадени заеми изнесуваат 9,6 милиони евра (591 990 илјади денари), што е за 10 пати повеќе во споредба со 2020 година.
Дополнително, 12 отсто од вкупните побарувања на МЕПСО се постари од три години и главно од трговци со струја кои предизвикале дебаланс во мрежата, а за дел од нив ревизорите воопшто не добиле образложение зошто со години не се наплатени.
Имајќи ја во предвид старосна структура на побарувањата, како и неизвесноста на долготрајните извршни постапки, ревизорите сметаат дека постои неизвесност во однос на нивната наплата.
Вработувања без исполнување на услови и распадната „барокна“ фасада
Ревизијата нотира прекршувања и во делот на човечките ресурси, но и милионски штети на главната зграда на компанијата.
Кај дури 65 отсто од нововработените 45 лица биле утврдени неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација. Дел од нив, веднаш по вработувањето, експресно биле прераспределени или унапредени.
Ревизорите алармираат дека мора да се санира оштетената фасада на зградата во центарот на Скопје. За нејзината реконструкција во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 8 866 400 евра.
„Овој проект, во мај 2021 година е ставен во употреба како материјално средство без претходно направен
технички прием и обезбедена употребна дозвола“,се додава во извештајот.
На крајот, ревизорите потсетуваат и на сајбер-нападот од 2024 година кој ја блокира компанијата, укажувајќи дека МЕПСО мора итно да ги зајакне техничките и организациските мерки за заштита на податоците.
Со ревизијата се утврдени и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициска програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори,
начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.