Дури 62 проценти од целата енергија што ја трошат македонските домаќинства оди за загревање на домовите, покажува анкетата за потрошувачката на енергија во домаќинствата на Државниот завод за статистика.
Според овој документ, која ја анализира 2024 година, греењето и натаму е убедливо најголемиот трошок за енергија, далеку пред користењето електрична енергија за апарати, осветлување или подготовка на храна. Истражувањето покажува дека најголем дел од домаќинствата и понатаму се потпираат на огревно дрво како главен енергенс за затоплување, додека електричната енергија останува најкористениот енергенс за останатите потреби во домот. Во структурата на потрошувачката, по греењето следуваат електричните апарати и осветлувањето, загревањето вода и подготовката на храна.
„Податоците покажуваат и раст на користењето соларна енергија. Во 2024 година, 91 545 домаќинства имале инсталирано соларни колектори, а инсталираната површина изнесува 227 686 м². Во делот на енергетската сиромаштија, 10.6 % од домаќинствата изјавиле дека секогаш имаат финансиски тешкотии при плаќањето на сметките за електрична енергија или при набавката на енергенти за загревање, додека 40.0 % изјавиле дека никогаш немаат такви тешкотии.“
Анкетата покажува дека, покрај постепеното зголемување на користењето обновливи извори на енергија, значителен дел од граѓаните и понатаму се соочуваат со проблем да ги подмират трошоците за енергија.
Токму затоа, прашањето за достапноста на електричната енергија останува едно од клучните социјални прашања. Во вакви услови, Регулаторната комисија за енергетика предлага повторно воведување на четири часа евтина дневна тарифа за струја, како и ниска тарифа во сабота. Од Комисијата очекуваат мерката да им помогне на домаќинствата полесно да ги намалат сметките за електрична енергија, особено на оние што најтешко ги поднесуваат трошоците за енергија.