Кога компанија што копа по бавчата на вештачката интелигенција предлага да набавите аналогна лопата, вреди да се обрне внимание. Извршниот директор на Нвидиа (вредност на компанијата: 4,6 билиони долари) Јенсен Хуанг, порачува дека следната генерација милионери ќе бидат столари, водоинсталатери и електричари.
Тој не е единствениот кој мисли така.
„Да бев млад човек, ќе трчав до технички колеџ за да добијам диплома за електричар. Ќе се снајдете одлично, ќе заработите шестцифрена или подобра цифра и ќе немате факултетски долг,“ вели претприемачот во градежната индустрија, Кен Раск.
Младите на Запад и нивните родители се во дилема дали да земат кредит од 100.000 долари за четиригодишна диплома во време кога само една третина од скапите дипломи денес имаат добро платена пазарна употреба, или да го прескокнат сето тоа и да почнат речиси веднаш да заработуваат.
Добрите електричари во Америка веќе ја надминуваат цената на редовно вработените и после пет години можат да очекуваат годишен приход меѓу 85.000 и 110.000 долари.
На пример, имате двајца 18-годишници. Едниот се запишува на две години за електричар, завршува без долгови и на 22 години веќе заработува 55.000 долари. Другиот допрва привршува со студирањето, на врат има просечен кредит од 35.000 долари со камата од 7%. Добива канцелариска работа од 65.000 долари годишно.
На 26 години, првиот заработува 80.000 долари без долгови. Исто толку заработува и вториот но има за плаќање месечни рати од кредитот.
Мета одвои 115 милиони долари за обука на квалификувани занаетчии во една година. БлекРок 100 милиони долари, Алфабет вложи 50 милиони долари за обука на 300.000 работници.
Далеку поголеми пари се вложуваат во инфраструктура за вештачка интелигенција, но, центрите за податоци, како што вика Раск, се „бетон, челик, жица и цевки“. Зад сето тоа стои проектиран недостиг од 2,1 милиони квалификувани работници.