Компаниите во приватниот сектор од денеска веќе можат да го исплаќаат регресот за годишен одмор (К-15). законски обврската за исплата на регресот трае до 31 декември во годината.
Во земјава пресметката на К-15 не е фиксна сума, туку се менува во зависност од тоа кога работодавачот ќе донесе одлука за исплата. Основицата секогаш е: просечната месечна нето-плата по работник во РСМ исплатена во последните три месеци пред денот на исплатата. Законот пропишува дека регресот може да изнесува најмалку 40%, а најмногу 100% од просечната исплатена нето-плата во земјата, но има и исклучоци.
Според тоа, доколку работодавецот од приватен сектор овој месец донел одлука да исплати К-15, тогаш минималниот износ би изнесувал 19.116 денари, а највисокиот износ 47.790 денари.
Сумата е пресметана врз основа на просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просечната вредност е околу 47.790 денари, а согласно колективниот договор минималниот К-15 изнесува 40% од таа основица.
За јавниот сектор износот на К-15 е фиксен и изнесува 30% од просечната плата во претходната година. Таа за 2025 година изнесува 45.566 денари. Што значи износот на К-15 за годинава во јавниот сектор за годинава е 13.670 денари.
Право на К-15 имаат вработените кои имаат најмалку 6 месеци непрекината работа кај истиот работодавач во текот на календарската година.
Работодавачите можат да исплатат и повисок износ, доколку тоа е утврдено со колективен договор или внатрешна одлука на компанијата.
Постојат и исклучоци, па фирмите кои работат со загуба или имаат финансиски потешкотии можат, согласно законските и колективните одредби, да исплатат понизок износ или во одредени случаи да бидат ослободени од обврската, но само со соодветна документација и одлуки усогласени со синдикатите.
Работодавците од приватниот сектор кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, односно К-15, треба да се подготвени да платат казна и до 4.000 евра.
Притоа, предвидена е глоба од 2.000 до 3.000 евра, која би ја платило правното лице, додека парична глоба во висина од 500 до 1.000 евра ќе плати одговорното лице кај работодавачот.