Анализа: Дали Македонија ќе мора да го следи европскиот модел за реформи на пензискиот систем?

 

  • Што навистина значи најавената анализа на ММФ и на Светската банка за македонскиот пензиски систем? Ќе работиме ли подолго за да имаме сигурни пензии?
  • Зголемување на старосната граница е само едно од можните решенија. Она што го анализираат меѓународните финансиски институции е многу пошироко – од тоа како се пресметуваат пензиите, до тоа колку државата ќе може да ги исплаќа за десет, дваесет и триесет години…
  • Економистите предупредуваат дека старосната граница сама по себе нема да го реши проблемот. Доколку од Македонија продолжат да заминуваат млади луѓе, а бројот на новородени остане низок, притисокот врз пензискиот систем ќе расте, дури и ако работниот век се продолжи за една или две години. Затоа сè повеќе експерти сметаат дека пензиската реформа мора да оди паралелно со политики за повисока вработеност, повисоки плати, намалување на иселувањето, поголема продуктивност на економијата…

Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка ќе направат анализа, а Владата ќе одлучи дали ќе има промени во пензискиот систем. Оваа порака на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска повторно ја отвори една од најчувствителните теми во државата – дали Македонците ќе треба да работат подолго пред да заминат во пензија.
Министерката потенцираше дека Владата сè уште нема донесено никаква одлука и дека ќе ги почека препораките од меѓународните институции. Искрено призна дека очекува меѓу препораките веројатно да биде и зголемување на старосната граница за пензионирање, но нагласи дека тоа не значи оти Владата мора да ја прифати таквата препорака.
Наедно, таа изнесе и личен став дека би било подобро сегашната старосна граница да остане, но да се овозможи право на избор за оние што сакаат да продолжат да работат и по исполнувањето на условите за пензија.
Изјавата звучеше смирувачки, но прашањето на адреса на ММФ и Светската банка остана: Што всушност анализираат ММФ и Светската банка кога ќе влезат во еден пензиски систем?
Одговорот е многу поширок од едноставното прашање дали пензијата ќе се добива на 64, 65 или на 67 години… Во врска со тоа, направивме наменски брифинг со претставник од овие институции, кој за нашите читатели направи осврт на линиите за анализа во еден пензиски систем, при што додаде дека македонскиот ќе биде еден од многуте што биле анализирани, за што потоа се даваат мислења, процени и ставови што не се обврзувачки.

Не се анализира само возраста, туку целата одржливост на системот

Главното прашање, по повод анализата на ММФ, според наш извор, е дали државата ќе може долгорочно да ги исплаќа пензиите.
– Кога ММФ прави анализа на пензиски систем, неговата главна цел не е да одреди кога граѓаните треба да се пензионираат. Главното прашање е едноставно, односно дали државата ќе може редовно да ги исплаќа пензиите и за дваесет години? Тоа е суштината. Во Македонија пензиите, во најголем дел, се финансираат од придонесите што денес ги плаќаат вработените. Од тие средства се исплаќаат сегашните пензионери. Но проблемот станува сè поголем бидејќи бројот на пензионери постојано расте, а бројот на луѓе што работат и плаќаат придонеси расте многу побавно. Дополнителен проблем е иселувањето на младите и стареењето на населението – тренд што веќе неколку години сте го дијагностицирале дома, но и релевантни меѓународни институции. Тоа значи дека во иднина ќе има сè помалку работници што ќе треба да обезбедуваат средства за сè повеќе пензионери. Токму затоа Светската банка и ММФ најпрво ја анализираат долгорочната финансиска одржливост на системот – вели нашиот брифер.

Што најчесто препорачуваат ММФ и Светската банка?

ММФ и Светската банка одат по веќе здраво востановена шема. И искуството од десетици европски држави покажува дека речиси секогаш се анализираат истите области, вели нашиот соговорник, набројувајќи ги областите.

1. Старосната граница
Ова е највидливата, но не и единствената мерка. Кога животниот век расте, а наталитетот опаѓа, повеќето европски држави постепено ја зголемуваат возраста за пензионирање. Не затоа што тоа е популарно, туку затоа што така се продолжува периодот во кој луѓето плаќаат придонеси, а се скратува периодот во кој примаат пензија. Во Европа веќе има земји каде што пензионирањето постепено оди кон 67 години, а некои веќе размислуваат и за 68 години, вели нашиот соговорник.

2. Индексацијата на пензиите
Ова е тема за која многу помалку се зборува. ММФ во последниот извештај за Македонија препорачува пензиите повторно да се усогласуваат според јасно правило, главно врз основа на инфлацијата, наместо преку ад хок политички одлуки. Според Фондот, тоа би ја зачувало куповната моќ на пензионерите, но истовремено би спречило неконтролирано зголемување на расходите на државата. Тоа можеби не звучи драматично, но токму начинот на усогласување на пензиите има огромно влијание врз буџетот, вели соговорникот.

3. Подобра наплата на придонесите
Ова е можеби најнепопуларна, но и една од најважните препораки. Доколку повеќе луѓе работат легално, доколку се намали сивата економија и доколку сите придонеси навреме се уплаќаат во ПИОМ, автоматски се подобрува состојбата на целиот пензиски систем. Во последниот извештај, ММФ посебно потенцира дека е неопходно навремено префрлање на придонесите кон вториот пензиски столб и подобрување на даночната дисциплина, потсетува нашиот соговорник.

4. Враќање на врската меѓу придонесите и пензијата
Во многу држави реформите одат во насока секој да добива пензија што повеќе ќе зависи од тоа колку долго работел и колку придонеси уплатувал. Со тоа се стимулираат подолг работен век и пријавување на реалните плати. Во Македонија и ова прашање одамна се отвора, но никогаш не е сериозно реформирано, тврди експертот.

Дали демографијата е вистинскиот проблем

Во јавноста најмногу внимание привлекува бројката од 65 или 67 години. Но економистите велат дека возраста е само последица. Причината е демографијата. Македонија веќе две децении се соочува со три паралелни процеси, како што е фактот дека се раѓаат сè помалку деца, дека младите се иселуваат, дека животниот век постепено се продолжува итн. Ова создава огромен притисок врз пензискиот систем.
– Според анализите на ММФ, токму стареењето на населението и иселувањето претставуваат едни од најголемите ризици за јавните финансии во следните децении. Дури и ако утре се зголемат придонесите, тоа нема целосно да го реши проблемот ако бројот на работници продолжи да се намалува – наведува нашиот соговорник.

Што најчесто препорачуваат ММФ и Светска банка кога анализираат еден пензиски систем?

Накусо, има неколку препораки што, според нашиот соговорник, биле најчести во насока на подобрување на еден пензиски систем:

1. Постепено, а не нагло приспособување на старосната граница за пензионирање.

2. Пензиите да се усогласуваат според јасни и предвидливи правила, а не преку политички одлуки.

3. Подобра наплата на придонесите и намалување на сивата економија.

4. Поголема поврзаност меѓу висината на уплатените придонеси и висината на пензијата.

5. Поттикнување доброволно подолго останување на работа.

6. Развој на приватното пензиско осигурување како дополнување на државниот пензиски систем.

Што може да се промени,
а што не?

Според нашиот брифер, експерт од оваа област, за македонскиот пензиски систем се можни следниве предлози:

  • постепено продолжување на работниот век;
  • дополнителни стимулации за оние што ќе работат и по исполнување на условите;
  • промена на формулата за усогласување на пензиите;
  • подобра контрола на плаќањето придонеси;
  • реформи во вториот и третиот пензиски столб.
  • Сепак тој децидно потсети дека во Македонија засега не е одлучено:
  • дали ќе се зголеми старосната граница;
  • дали ќе се намалуваат пензиите;
  • дали ќе се менуваат веќе стекнатите права на сегашните пензионери.

 

Споредбен приод: Опсервација на покарактеристични реформски зафати во пензиските системи на одделни држави

Европа веќе ги препозна предизвиците на третата доба

Ако Македонија навистина влезе во подлабока пензиска реформа, нема да биде исклучок. Практично сите европски држави во последните две децении ги менуваа правилата за пензионирање, пред сè поради истите причини, како што се стареење на населението, подолг животен век и сè помал број работници што го полнат пензискиот фонд.

1. Во Германија старосната граница постепено се поместува на 67 години, а веќе се води јавна дебата дали во иднина таа треба автоматски да се поврзе со растот на животниот век.

2. Данска отиде чекор понатаму и усвои модел, според кој, возраста за пензионирање периодично се приспособува на демографските движења, па веќе се планира постепено зголемување и над 70 години во следните децении.

2. Од регионов, Хрватска и Србија, исто така, неколкупати ги менуваа пензиските закони, при што акцентот не беше само на возраста туку и на стимулирање подолго останување на пазарот на трудот и подобра врска меѓу висината на придонесите и пензијата.
Заклучокот е дека речиси никаде реформите не се сведуваат само на една бројка. Тие се комбинација од повеќе мерки што треба да обезбедат системот да биде одржлив и за сегашните и за идните пензионери.

СПОРЕДБА СО ЕВРОПА

Напомена: Во повеќето држави реформите се спроведуваат постепено, во период од 10 до 20 години. 


Дали е подобро решението за подолго работење да биде доброволно или, пак, да биде задолжително?

Личниот став на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска дека треба да се остави можност оние што сакаат да продолжат да работат и по исполнувањето на условите за пензија, не е непознат модел во Европа.
Во повеќе држави веќе постојат механизми што ги наградуваат оние што доброволно остануваат во работен однос. За секоја дополнителна година работа тие добиваат повисока пензија, повисока основица или даночни олеснувања.
Таквиот пристап има две предности.
Прво, не ги принудува луѓето што работат во тешки физички услови да остануваат на работа подолго отколку што можат.
Второ, им овозможува на оние што имаат административни, стручни или интелектуални професии да продолжат да работат доколку го сакаат тоа и доколку работодавецот има интерес да ги задржи.
Токму оваа разлика е важна. Не е исто дали некој 40 години работел во рудник, градежништво или во металургија или, пак, целиот работен век го поминал во канцеларија, образование, администрација или во консултантски професии. Универзално решение тешко може да биде правично за сите.

 

Не станува збор само за расходите туку и за приходите

Една од најчестите заблуди во јавноста е дека секоја пензиска реформа значи само кратење на правата. Но економистите предупредуваат дека еднакво е важно да се зголемат приходите на пензискиот систем. Тоа подразбира повеќе формално вработени, повисоки плати, подобра наплата на придонесите и намалување на сивата економија. Доколку бројот на луѓе што плаќаат придонеси расте, тогаш притисокот врз пензискиот фонд автоматски се намалува. Оттука, прашањето не е само кога ќе се оди во пензија, туку и колку успешна ќе биде економијата во создавање нови работни места и задржување на младите во земјата.

Што би можело да содржи една идна реформа?

Иако Владата нагласува дека сè уште нема донесено никаква одлука, искуствата од други држави покажуваат дека евентуална пензиска реформа во Македонија би можела да опфати повеќе елементи истовремено:
◦ постепени, а не нагли промени на условите за пензионирање;
◦ стимули за доброволно продолжување на работниот век;
◦ подобра заштита на работниците што работат во особено тешки и ризични услови;
◦ појасни правила за усогласување на пензиите;
◦ мерки за намалување на неформалната економија и зголемување на наплатата на придонесите;
◦ дополнително зајакнување на вториот и третиот пензиски столб како дополнување на државниот систем.
Ваквите мерки вообичаено се препорачуваат како пакет, бидејќи поединечна мерка ретко може сама да го реши проблемот. Дури и ако денес не се донесе ниту една промена, демографските трендови нема да запрат. Македонија, како и најголемиот дел од Европа, ќе има сè повеќе постари граѓани, а сè помал број млади што ќе влегуваат на пазарот на трудот. Тоа значи дека прашањето за пензиската реформа речиси сигурно ќе остане актуелно и во наредните години, без разлика која влада ќе биде на власт.

Одлуката нема да биде лесна

Најавената анализа на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка не треба однапред да се сфати како сигнал дека Македонија неизбежно ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање. Овие институции вообичаено не предлагаат едно решение, туку изработуваат сценарија со различни економски и демографски ефекти.
Конечната одлука, како што нагласи и министерката за финансии, ќе ја носи Владата.
Но едно е извесно. Дебатата што се отвора не се однесува само на генерацијата што наскоро ќе се пензионира. Таа најмногу ги засега денешните триесетгодишници и четириесетгодишници – луѓето што денес плаќаат придонеси и од чии уплати ќе зависи стабилноста на пензискиот систем во следните децении. Затоа вистинското прашање не е само дали ќе се работи до 65 или 67 години. Поважно е дали Македонија ќе успее да изгради пензиски систем што ќе биде финансиски одржлив, социјално праведен и доволно стабилен за секој граѓанин да може со сигурност да смета дека по завршувањето на работниот век ќе добива пензија што ќе обезбедува достоинствен живот. Во таа смисла, претстојната анализа на ММФ и Светската банка треба да се гледа како можност за сериозна јавна расправа, а не како готова пресуда. Најуспешните европски реформи покажуваат дека трајни решенија се постигнуваат тогаш кога во процесот се вклучени Владата, синдикатите, работодавците, експертската јавност и самите граѓани. Само така може да се најде рамнотежа меѓу финансиската одржливост на системот и правото на достоинствена старост.