Оптимизмот преовладуваше на глобалните финансиски пазари откако бројот на вработени во неземјоделскиот сектор во САД во јуни беше помал од очекуваното, намалувајќи ја веројатноста за уште едно зголемување на каматните стапки од страна на Федералните резерви на САД (ФЕД). Сепак, распродажбата на технолошките акции го ограничи апетитот на инвеститорите за поризични инвестиции.

Бројот на вработени кои не се занимаваат со земјоделство во САД се зголеми за 57.000 во јуни, што е далеку под пазарните проценки. Раст на вработеноста е забележан во секторите професионални и деловни услуги, социјална заштита и здравствена заштита, додека секторите за слободно време и угостителство забележаа пад на вработеноста, пишува агенцијата Анадолу.

Податоците за претходните месеци се исто така ревидирани надолу. Растот на вработеноста во април е ревидиран на 148.000, а во мај на 129.000 нови работни места.

Стапката на невработеност во САД падна на 4,2 проценти во јуни, од 4,3 проценти во мај, и беше пониска од пазарните очекувања.

Зголемената вработеност пред Светското првенство во фудбал влијаеше врз трендот на податоците за вработеноста. Иако растот на бројот на нови работни места беше послаб од очекуваното, тоа ги зајакна проценките дека Федералните резерви би можеле да имаат пофлексибилен пристап кон водењето на монетарната политика во наредниот период.

Намалувањето на стапката на невработеност беше под влијание и на пониската стапка на учество во работната сила, при што аналитичарите предупредуваат дека овој тренд би можел да се промени во наредните месеци и повторно да доведе до зголемување на невработеноста.

Пред објавувањето на извештајот од пазарот на трудот, преовладуваше очекувањето на финансиските пазари дека Фед ќе ги зголеми каматните стапки во октомври, каде што веројатноста за таков потег, според проценките на паричниот пазар, беше 82 проценти.

Во исто време, веројатноста за зголемување на каматните стапки веќе во септември се намали од 67 на 63 проценти, под влијание на оптимизмот предизвикан од геополитичките настани.