Американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ објави дека отпушта околу 4.800 работни места низ целиот свет, или околу 2,1 процент од својата глобална работна сила, како дел од напорите за реструктуирање.
Компанијата ги потврди отпуштањата на работни места во интерна порака до вработените, наведувајќи дека овој потег доаѓа во време кога бизнисот се прилагодува на брзите промени во технолошката индустрија.
Извршната потпретседателка и главен директор за човечки ресурси на „Мајкрософт“, Ејми Колман, во порака до вработените изјави дека бизнисот на компанијата се менува поради брзата еволуција на технологијата и побарувачката на клиентите и дека организацијата мора соодветно да се прилагоди.
Таа нагласи дека отпуштањата не се директен резултат на замената на работниците со вештачка интелигенција, објави „Срна“.
„Мајкрософт“ соопшти дека ќе им обезбеди на засегнатите вработени пакети за тешкотии, здравствени бенефиции и помош за транзиција во кариерата. Компанијата, исто така, забележа дека програмата за доброволно пензионирање воведена претходно оваа година помогна во намалувањето на обемот на отпуштања.
Најновите намалувања на работната сила доаѓаат во време кога големите технолошки компании продолжуваат да инвестираат многу во вештачка интелигенција, а воедно се стремат да ги контролираат трошоците и да ја подобрат ефикасноста.
Според годишниот извештај, „Мајкрософт“ имал околу 228.000 вработени со полно работно време низ целиот свет во јуни 2025 година.