Европскиот парламент даде поддршка на регулаторната рамка за воведување на дигиталното евро, нагласувајќи дека новата форма на плаќање нема да ја замени готовината, туку ќе им понуди на граѓаните дополнителна можност за извршување трансакции.
Со овој проект Европската Унија има цел да воспостави сопствен систем за електронски плаќања, да ја намали зависноста од странски платежни платформи, да ја зајакне економската отпорност и да го поттикне технолошкиот развој и иновациите во рамките на Унијата.
Европратениците оценија дека развојот на дигитални финансиски решенија ќе придонесе за посигурни плаќања и ќе создаде подобри услови за инвестирање во европски технологии, наместо зависност од системи развиени надвор од ЕУ.
Известувачот за законодавниот предлог, европратеникот Фернандо Наварете Рохас, појасни дека пакетот содржи две клучни решенија – зачувување на употребата на готовината и воведување на дигиталното евро.
Според него, целта е граѓаните сами да избираат како ќе плаќаат, а не еден начин да го замени другиот.
„Дигиталното евро не значи укинување на готовината, туку создавање уште една можност за плаќање“, истакна Рохас.
Тој предупреди дека во последните години сè повеќе трговци ја ограничуваат употребата на готовина, па затоа е неопходно да се гарантира дека граѓаните и понатаму ќе можат да плаќаат со кеш доколку така одлучат.
Од друга страна, дигиталното евро треба да обезбеди европска алтернатива на постојните меѓународни платежни системи, бидејќи, според Рохас, зависноста од технологии и инфраструктура развиени надвор од ЕУ претставува дополнителен ризик во сегашните геополитички околности.
Предвидено е дигиталното евро да функционира во две форми – онлајн и офлајн. Додека онлајн плаќањата ќе бидат слични на денешните електронски трансакции, офлајн-верзијата ќе овозможи плаќања и без интернет-конекција.
Во тој случај, трансакциите ќе се извршуваат директно меѓу уредите на купувачот и продавачот, без посредници, што треба да обезбеди повисоко ниво на приватност и поголема отпорност на системот.
Законодавниот предлог предвидува и производителите на електронски уреди што се продаваат на европскиот пазар да ги отворат безбедносните стандарди, со што Европската централна банка би можела да развие сопствен софтвер за сигурно чување на дигиталното евро, независно од производителот или оперативниот систем.
Рохас потенцираше и дека дигиталното евро нема да биде таканаречена „програмабилна валута“, односно средствата нема да имаат рок на важност. Тој нагласи дека дигиталното евро ќе има ист статус како и парите што ги издава Европската централна банка и ќе може да се конвертира без губење на својата вредност.