Европскиот парламент направи значаен чекор кон воведување на дигиталното евро, откако на пленарната седница одржана на 9 јули го поддржа почетокот на преговорите со Советот на Европската Унија за законската рамка на проектот.
Предлогот доби поддршка од 416 европратеници, додека 169 гласаа против, а 22 беа воздржани. Со ова започнува следната фаза од законодавната процедура, во која Европскиот парламент и земјите-членки ќе ги усогласуваат правилата за функционирањето на дигиталното евро.
Преговарачкиот тим на Европскиот парламент ќе го предводи известувачот Фернандо Наварете Рохас од Европската народна партија.
Дигиталното евро ќе претставува електронска форма на пари издадена и гарантирана од Европската централна банка (ЕЦБ). Неговата цел не е да ги замени готовината или банкарските сметки, туку да понуди дополнителен, безбеден и европски начин за дигитални плаќања.
Според предлогот, граѓаните ќе можат да чуваат дигитални евра во специјален дигитален паричник, при што максималниот износ што ќе може да се чува сè уште не е утврден. Плаќањата ќе бидат можни и преку интернет и без интернет-конекција, а ЕЦБ нагласува дека ќе се обезбеди високо ниво на приватност, така што банката нема директно да може да ги идентификува корисниците преку нивните трансакции.
Европската централна банка ќе ја обезбедува основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и другите даватели на платежни услуги ќе бидат задолжени за понудата на дигиталното евро до граѓаните и компаниите.
Во претстојните преговори ќе се утврдува и моделот за надоместоци, односно како ќе бидат компенсирани финансиските институции кои ќе учествуваат во системот. Очекувањата се дека трговците ќе плаќаат пониски провизии отколку што денес плаќаат за трансакции со платежни картички.
Најинтензивниот дел од преговорите се очекува во текот на есента, а конечната законска рамка би можела да биде усвоена до крајот на годината.
Европската Унија го гледа дигиталното евро како важен чекор кон поголема финансиска независност. Во моментов, најголемиот дел од картичните плаќања во еврозоната се обработуваат преку американските компании Visa и Mastercard, кои според податоците на Европската централна банка имаат доминантна позиција на европскиот пазар.
Од Брисел сметаат дека создавањето европска дигитална валута ќе ја намали зависноста од странските платежни системи, ќе го зајакне монетарниот суверенитет на Унијата и ќе ја подобри отпорноста на европската економија.
Доколку законскиот процес се одвива според планираното, пилот-проектот за дигиталното евро би требало да започне во 2027 година, а неговата поширока примена за секојдневни малопродажни плаќања се очекува од 2029 година.