Градот Њујорк ќе воведе нова политика со која компаниите ќе бидат обврзани да им овозможат на потрошувачите лесно да ги откажат своите претплати преку правилото наречено „Кликни за откажување“, а истовремено ќе бидат забранети и скриените трошоци при продажба на производи и услуги.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, и комесарот на Одделот за заштита на потрошувачите и работниците, Самуел Левин, соопштија дека станува збор за прва ваква политика што ја воведува локална власт во САД.

Правилото „Кликни за откажување“ ќе стапи во сила на 1 октомври и ќе важи за претплати што автоматски се обновуваат. Компаниите ќе мора јасно да ги прикажат условите за претплата, а постапката за нејзино откажување да биде едноставна и транспарентна.

Покрај тоа, новите правила ќе бараат компаниите однапред да ја прикажат целосната цена на производите и услугите, вклучително и сите задолжителни трошоци и надоместоци, со цел да се стави крај на практиката на скриени давачки.

Според градските власти, скриените надоместоци просечно четиричлено семејство го чинат околу 3.200 американски долари годишно.

Компаниите што нема да ги почитуваат новите правила ќе се соочат со обврска за обесштетување на потрошувачите, како и со парични казни кои почнуваат од 525 долари за секој прекршок.

Администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден минатата година воведе слично правило на федерално ниво, но тоа беше поништено од сојузен апелациски суд пред да стапи во сила.

Мамдани, кој ја презеде функцијата градоначалник во јануари, во изборната кампања најавуваше мерки за намалување на трошоците за живот и подобра заштита на потрошувачите во Њујорк.