Цените на нафтата повторно забележаа значителен раст, а азиските берзи главно се најдоа во минус по новата ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран.

Северноморската нафта „брент“ поскапе за 4,7 проценти и достигна цена од 79,59 долари за барел, додека американската лесна сурова нафта (WTI) се зголеми за 4,8 проценти и се тргуваше по 74,85 долари за барел.

Новиот раст на цените следува откако Соединетите Американски Држави извршија нови воздушни напади врз Иран, а Техеран возврати со напади во неколку земји на Блискиот Исток. Дополнителна загриженост предизвика и нападот врз контејнерски брод во Ормутскиот Теснец, при што избувнал пожар, а еден член на екипажот се води како исчезнат.

Поради обновените тензии, инвеститорите повторно стравуваат за безбедноста на Ормутскиот Теснец – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.

Негативните движења се одразија и на берзите. Во САД, терминските договори за индексот S&P 500 паднаа за 0,6 проценти, Dow Jones ослабе за 0,4 проценти, а Nasdaq забележа пад од 1,3 проценти.

Во Азија, јапонскиот индекс Nikkei 225 изгуби 2,2 проценти, додека јужнокорејскиот Kospi падна за 8,2 проценти. Голем пад забележаа и акциите на производителите на мемориски чипови. Акциите на SK Hynix се намалија за 13,3 проценти, а на Samsung Electronics за 10,5 проценти.

Во Хонг Конг индексот Hang Seng благо порасна за 0,1 процент, додека Шангајскиот композитен индекс загуби 1,9 проценти. Австралискиот индекс S&P/ASX 200 ослабе за 0,1 процент.

Иако американските берзи во петокот завршија во позитива, поттикнати од интересот за компаниите поврзани со развојот на вештачката интелигенција, аналитичарите предупредуваат дека секторот би можел да се соочи со предизвици доколку се забават инвестициите или се појават поефикасни технологии.

Во меѓувреме, вниманието на инвеститорите е насочено кон претстојната сезона на објавување финансиски резултати на најголемите американски банки.

Економските аналитичари оценуваат дека новите тензии на Блискиот Исток би можеле дополнително да ги зголемат цените на енергенсите и инфлацијата, што може да ги натера централните банки, вклучително и Федералните резерви на САД, подолго да ги задржат високите каматни стапки или повторно да ги зголемат, со што би се забавил економскиот раст.

На девизниот пазар, американскиот долар зајакна во однос на јапонскиот јен, додека еврото благо ослабе во однос на американската валута.