Европската централна банка избра 36 даватели на платежни услуги, вклучувајќи и некои од најголемите финансиски фирми во еврозоната, кои ќе се приклучат на пилот-програмата за нејзиниот проект за дигитално евро, соопшти банката во вторникот.

ЕЦБ работи на дигиталното евро веќе со години, делумно со цел да го намали потпирањето на блокот од давателите на платежни услуги со седиште во САД, и се надева на првото издавање во 2029 година, под услов долго одложуваната законска регулатива да биде донесена до крајот на оваа година.

Пилот-програмата, која треба да започне во втората половина на 2027 година, ќе трае 12 месеци и ќе ја тестира техничката функционалност и оперативните процеси на дигиталното евро, а исто така ќе се користи и за подобрување на корисничкото искуство, се вели во соопштението на ЕЦБ.

За учество во пилот-програмата се пријавиле повеќе од 50 компании, а меѓу 36-те избрани фирми се наоѓаат водечки имиња како „Дојче банк“ (Deutsche Bank) и „Уникредит“ (UniCredit), како и брзорастечки дигитални банки како што е „Револут“

Пилот-програмата ќе се спроведува во ЕЦБ и во 19 од 21 централна банка во еврозоната, со исклучок на Бугарија и Малта.

„Во пилот-програмата ќе учествуваат вработени од ЕЦБ и од националните централни банки кои партиципираат во проектот, како и трговци од е-трговијата и трговци кои нудат секојдневни услуги во своите објекти“, соопштија од ЕЦБ.

„Вработените во централните банки кои учествуваат во програмата ќе имаат можност да вршат бета-плаќања во дигитални евра од лице на лице (P2P) и од лице на бизнис (P2B)“, додадоа од ЕЦБ.

Пилот-програмата ќе користи бета-верзија на дигиталното евро. Таа функционално и технички ќе биде блиску до финалното дигитално евро, но нема да има статус на законско средство за плаќање, појаснија од ЕЦБ.