„Џеј Пи Морган Чејс“ би можела да стане првата банка во историјата чија пазарна вредност ќе достигне трилион долари. По силните квартални резултати, акциите достигнаа рекордно ниво, а најголемата американска банка сега вреди околу 919 милијарди долари.

Доколку продолжи со сегашното темпо на раст, „Џеј Пи Морган“ би можела да се придружи на ексклузивното друштво на компании како „Тесла“, „Мета“ и „Бродком“, кои веќе надминаа пазарна вредност од трилион долари.

Таквиот статус би бил симболична потврда за тоа колку најголемата американска банка се оддалечила од конкуренцијата. Во исто време, би ги зголемило очекувањата на инвеститорите и би оставило помалку простор за грешки во работењето.

Дваесет години под Џејми Дајмон

Инвеститорите голем дел од успехот му го припишуваат на извршниот директор Џејми Дајмон, кој го води „Џеј Пи Морган“ од 2006 година.

За време на неговиот мандат, банката прерасна во најголемата американска финансиска институција по пазарна вредност. Ја консолидираше својата водечка позиција во инвестициското банкарство, тргувањето со хартии од вредност и кредитирањето на граѓаните и компаниите.

Волcтрит со години зборува за таканаречената „премија на Џејми“. Терминот ја опишува додадената вредност што инвеститорите ја припишуваат на акциите на „Џеј Пи Морган“ поради довербата во раководството на Дајмон и неговата способност да управува со банката.