Трета економија во Европа не е држава во која 73% од работниците земаат плата под просечната, обвинува опозициската СДСМ.
Членката на Извршниот одбор на партијата, Симона Цветановски вели дека трета економија не е држава во која половина од граѓаните преживуваат со плата од 24.000 до 36.000 денари.
-Податоците на УЈП за распределба на просечната плата во 2025 година ја разобличуваат владината пропаганда. УЈП ја потврди вистината што граѓаните секој ден ја чувствуваат на свој грб – дека најголемиот дел од работниците преживуваат со плати далеку под просекот. Нема трета економија, после 2 години со Мицкоски, граѓаните живеат полошо. Поразителен е податокот дека во цела 2025 година имало само 46 исплати во висина на официјалната просечна плата за соодветниот месец – односно просечната плата речиси никој не ја добил.Ова не е економски успех, туку доказ за урнисан животен стандард и целосен дебакл на економските политики на Мицкоски, рече Цветановски.
Според неа, вистината е дека граѓаните осиромашуваат, живеат полошо, отколку пред две години.
-Платите не го пратат растот на цените на храната и горивата. Куповната моќ на граѓаните е срозена. Корпата со производи во маркет е сѐ попразна – со исти плати, а повисоки цени, може само помалку производи да се купат. Минималната потрошувачка кошничка за само две години е зголемена за околу 10.000 денари и во јуни достигна речиси 70.000 денари, без трошоците за кирија. Значи половина од граѓаните не можат да си ги покријат ниту трошоците за основни потреби. Граѓаните чекаат мерки, а Владата на Мицкоски не прави ништо. Новото поскапување на бензините ќе донесе и нови поскапи цени на веќе покачените цени на храната. Имаме влада која во сред криза ги остави граѓаните без мерки, на преживување, рече Цветановски.
Вели, Мицкоски не сака да слушне ниту за конкретни таргетирани мерки, ниту за 600 евра минимална плата.
-Едноставно не сака да го заштити животниот стандард. Наместо поддршка, нуди нова манипулација – најавува нова, „просечна“ кошничка, ама по негов терк. Мицкоски со статистички трикови сака повторно да ги измами граѓаните, да покаже дека животот е поевтин и подобар отколку што навистина е. Ама нема да му помине – граѓаните ја чувствуваат на свој грб сиромаштијата – со празни паричници и фрижидери. Криминалнот и неспособноста на Мицкоски и неговата организирана криминална група ВМРО ја плаќаат граѓаните, со крпен живот, вели Цветановски..