Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го понудила целиот свој удел од 8,40 отсто во „Адико банка“ во рамките на преземачката понуда на словенечката Нова Љубљанска банка (НЛБ).

НЛБ се натпреварува со „Рајфајзен банк интернешнл“ (РБИ) за преземање на банката со седиште во Виена, која е насочена кон пазарите во Југоисточна Европа.

Од ЕБОР, која е четврти најголем акционер во „Адико“, соопштија дека завршувањето на доброволната понуда на НЛБ зависи од исполнувањето на минималниот праг на прифатени акции, добивањето регулаторни одобренија и другите вообичаени услови за затворање на трансакцијата.

НЛБ ја измени понудата, намалувајќи го минималниот праг за преземање од 75 отсто на 50 отсто плус една акција, односно на 9.750.001 акција. Рокот за прифаќање на понудата е продолжен од 22 до 29 јули.

Откако двапати ја подобри понудата, НЛБ сега нуди 37 евра за една акција на „Адико“, додека понудата на РБИ изнесува 26,5 евра по акција.

РБИ претходно го намали минималниот праг на прифатени акции на повеќе од 55 отсто и соопшти дека веќе добил согласност за 55,32 отсто од акциите опфатени со понудата. Рокот за понудата на РБИ, исто така, е продолжен до 29 јули.

Акционерите кои веќе ја прифатиле понудата на РБИ имаат можност до 23 јули да ја повлечат одлуката и да ги понудат своите акции на НЛБ.

Американската инвестициска компанија „Брендес инвестмент партнерс“, која поседува удел од 5,07 отсто во „Адико“, најави дека акциите со кои управува во име на своите клиенти ќе ги понуди на НЛБ.

Од компанијата изразија загриженост поради структурата на понудата на РБИ и нејзиниот договор со српската „Алта груп“, оценувајќи дека преземањето би можело да успее и без поддршка од мнозинството независни акционери.

„Алта груп“, која има банкарски активности во Србија и Северна Македонија, го понудила својот директен удел од 9,63 отсто во рамките на понудата на РБИ. Групацијата поседува и финансиски инструменти кои претставуваат дополнителни 19,96 отсто од акционерскиот капитал на „Адико“.

Доколку понудата биде успешна, РБИ планира да ги продаде подружниците на „Адико“ надвор од Европската Унија, односно во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, на „Алта груп“.

„Адико банка“ работи и во Хрватска и Словенија, а опслужува околу 900.000 клиенти преку 155 филијали и дигитални банкарски канали.

За РБИ, преземањето би значело зголемување на пазарниот удел во Хрватска и враќање на словенечкиот пазар. За НЛБ, пак, сопственоста врз „Адико“ би овозможила индиректен влез во хрватскиот банкарски сектор.