Годишната стапка на инфлација во еврозоната во јуни 2026 година изнесувала 2,8 отсто, што е намалување во однос на 3,2 отсто регистрирани во мај, покажуваат податоците на Евростат.
Сепак, инфлацијата останала повисока во споредба со јуни минатата година, кога изнесувала 2 отсто.
Слично движење е забележано и на ниво на целата Европска Унија. Годишната инфлација се намалила од 3,3 отсто во мај на 2,9 отсто во јуни. Во истиот месец од 2025 година таа изнесувала 2,3 отсто.
Најниски годишни стапки на инфлација биле регистрирани во Шведска од 1 отсто, во Чешка од 1,1 отсто и во Данска од 1,8 отсто.
Највисока инфлација имала Романија, каде што стапката достигнала 9,2 отсто. Следуваат Литванија со 5,4 отсто и Бугарија со 5,2 отсто.
Во споредба со мај, годишната инфлација се намалила во 22 земји членки на ЕУ, во три останала непроменета, а во две земји се зголемила.
На растот на цените во еврозоната во јуни најмногу влијаеле услугите, со придонес од 1,51 процентен поен. Следуваат енергијата со 0,77 процентни поени, храната, алкохолот и тутунот со 0,29, како и неенергетските индустриски производи со 0,18 процентни поени.