Речиси 32 милиони работни места во Европската Унија во 2024 година зависеле од конечната побарувачка за стоки и услуги од трети земји, односно држави надвор од ЕУ, објави Евростат.

Според податоците на европската статистичка служба, станува збор за 31,6 милиони работни места, што претставува 14,4 отсто од вкупната вработеност во Унијата.

Тоа е значителен пораст во споредба со 2010 година, кога извозот кон земјите надвор од ЕУ поддржувал 22,6 милиони работни места, односно 11,5 отсто од вкупната вработеност.

Во истиот период, бруто-додадената вредност што економијата на ЕУ ја остварила благодарение на странската конечна побарувачка се зголемила од 1,3 билиони евра во 2010 година на 2,8 билиони евра во 2024 година. Нејзиното учество во вкупната бруто-додадена вредност на Унијата пораснало од 13,3 на 17,2 отсто.

Соединетите Американски Држави биле најважниот извозен пазар за економијата на ЕУ според овој показател. Побарувачката од САД поддржала околу шест милиони работни места, што претставува 19,1 отсто од сите работни места поврзани со странската побарувачка, а придонела и за создавање бруто-додадена вредност од 585,8 милијарди евра, односно 21 отсто од вкупниот износ.

На второ место е Велика Британија со 3,4 милиони поддржани работни места (10,6 отсто), додека Кина е трета со 3,1 милион работни места (9,8 отсто).

Според создадената бруто-додадена вредност, Кина е на второто место со 289,8 милијарди евра, пред Обединетото Кралство со 276 милијарди евра.