Државниот завод за ревизија утврдил повеќе неправилности во работењето и управувањето со задолжителните нафтени резерви, меѓу кои недонесени одлуки, нецелосна евиденција на прекувремената работа и нерешена позајмица на 600.000 тони мазут.

Според ревизорскиот извештај, до надлежното министерство не биле доставени предлог-одлуки за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви за 2022, 2023, 2024 и 2025 година. Поради тоа, Владата не ги донела потребните одлуки за овој период.

Ревизорите утврдиле и дека платите и надоместоците на плати се исплаќале врз основа на бодови повисоки од оние утврдени со Законот за административни службеници. Евиденцијата за прекувремената работа, пак, не била целосна – за дел од вработените имало податоци за реализираните прекувремени часови, додека за други таква евиденција не била обезбедена.

Како значајно прашање е посочена и сè уште нерешената позајмица на 600.000 тони мазут кон Министерството за одбрана, која потекнува од 2017 година.

Во извештајот е наведено и дека залихите на задолжителните нафтени резерви биле намалени врз основа на одлуки со кои значително се намалил бројот на денови за кои државата има обезбедена покриеност со нафтени деривати.

Ревизијата посочува дека е потребно законски да се уреди усогласувањето на вредноста на залихите и дава две препораки за надминување на утврдените состојби. Забелешки на ревизорскиот извештај не биле доставени.