Глобалниот финтек сектор продолжува забрзано да расте, а вештачката интелигенција сè повеќе го менува начинот на кој се движат, проверуваат и управуваат парите. Во такви услови, CNBC и Statista ја објавија својата листа на 500 водечки финтек компании во светот за 2026 година.
Според податоците на McKinsey, финтек индустријата во 2025 година остварила приходи од 650 милијарди долари, што претставува раст од 21 процент во однос на претходната година. За споредба, поширокиот пазар на финансиски услуги, вреден околу 15 илјади милијарди долари, бележи годишен раст од околу шест проценти.
Позитивни сигнали има и на берзите. Во 2025 година биле регистрирани 31 позначајна иницијална јавна понуда на финтек компании, додека вкупната пазарна капитализација на јавно котираните компании од секторот достигнала рекордни 850 милијарди долари.
Во изборот на CNBC и Statista се вклучени компании од осум категории: алтернативно финансирање, дигитални средства, финтек решенија за компании, осигурителна технологија, необанкарство, плаќања, регулаторна технологија и технологии за управување со богатство.
Најголем удел имаат компаниите за плаќања. Во оваа категорија се избрани 115 компании, односно 23 проценти од целата листа. Следува секторот за технологии за управување со богатство со 75 компании или 15 проценти.
Алтернативното финансирање и финтек решенијата за компании учествуваат со по 60 компании, односно со по 12 проценти. Во категориите необанкарство и осигурителна технологија се избрани по 55 компании, додека дигиталните средства и регулаторната технологија имаат по 40 претставници.
Особено внимание годинава привлекува регулаторната технологија, која првпат се појавува како посебна категорија. Станува збор за компании кои развиваат решенија за усогласување со прописите, проверка на идентитет, управување со ризици и спречување перење пари.
Вештачката интелигенција станува еден од главните двигатели на секторот. Таа веќе се користи за побрза процена на кредитниот ризик, анализа на паричните текови, откривање измами, автоматизирано инвестициско советување и следење на регулаторната усогласеност.
На листата има компании со седишта во 55 земји и територии. Соединетите Американски Држави убедливо доминираат со околу 42 проценти од избраните компании, а Велика Британија е втора со 13 проценти.
Индија има 27 компании, што е повеќе од пет проценти од листата, додека Сингапур има 25.
Лондон е градот со најголем број избрани финтек компании – вкупно 64, или речиси 13 проценти од листата. Следува Њујорк со 50 компании, додека околу седум проценти од избраните компании се со седиште во Сан Франциско.
За составување на листата, Statista анализирала околу 3.500 компании и повеќе од 25.000 податочни точки. При изборот биле земени предвид клучни показатели за работењето, растот на приходите, бројот на вработени, како и дополнителни истражувања и оценки на CNBC и Statista.
Ова е четврта година по ред во која CNBC и Statista заеднички ја подготвуваат листата на водечки светски финтек компании.