Од Националната земјоделска мрежа прашуваат: До каде може да оди бесчовечноста и ненаситноста на трговците и на откупувачите? Тие бараат експертско независно утврдување на производствена и на минимална цена, како и забрана на увоз по дампинг цени

Земјоделците се бесни од откупните цени на ајварката. Тие организираат протести, а на социјалните мрежи врие од коментари што главно се сведуваат на реченицата што еден земјоделец ја напиша. „Принудени сме да се откажеме од садење, троа по троа од земјоделството нема ништо да остане“.

Земјоделците велат дека ајварката ја продаваат по цена од 20 денари за килограм, а дека нивната производствена цена чини 29 денари. На зелените пазари, ајварка на акција, како што напишал трговецот, се продава по 60 денари. Во некои маркети се и по 80 денари.

Од Националната земјоделска мрежа (НЗМ) прашуваат: До каде може да оди нечовечноста и ненаситноста на трговците и на откупувачите?

„Во отсуство на реакција од државата и нејзините институции, пред наши очи се случува невиден грабеж од страна на трговците и откупувачите и уништување на земјоделскиот сектор, но и на земјоделските производители. Буквално секаде, во сите сектори имаме катастрофа“, велат од НЗМ.

Тие преку јавна објава се обратија до Собранието како законодавен дом, до политичките партии како предлагачи на законски решенија, до академската и научна фела, до новинарите и медиумите, до граѓанскиот сектор и до сите граѓани во државата „под итно да се иницираат и да се процесираат законски решенија со кои ќе се заштити макотрпниот земјоделски труд“.

НЗМ бара да се воведе задолжително утврдување реални производни цени за сите земјоделски производи, кои ќе ги изготват независни научни институции врз основа на научно издржани методологии без какво било надворешно влијание. Според нив, загарантираната цена треба да биде производствената плус 50 проценти. Како мерка предлагаат никој да не смее да пушти во промет земјоделски производи што се од увоз и се по дампинг цени и се субвенционирани од нивните матични држави и се нелојална конкуренција за домашните земјоделски производители.

Откупувачите не сакаат договорно производство

Земјоделскиот експерт Ленче Николовска вели дека пред две години, преку својата фирма „Агротим“ се амбицирала да организира договорно производство на црвена пиперка.

– Објавивме да се пријават земјоделци што сакаат да бидат дел од овој проект. На мое големо задоволство, се јавија многу производители од цела држава, најмногу од Прилепскиот Регион, врвни земјоделци, со големи површини, со механизација, цели семејства што се вклучени во производството. За жал, ниту еден откупувач тогаш (а не верувам и сега) не се согласи да го реализираме проектот. Причината беше откупната цена, поточно инсистирав да има во договорот загарантирана минимална откупна цена под која нема да одат, а ќе се откупува секако по пазарна – вели Николовска.

Затоа, вели таа, решението мора да се бара на трето место, а тоа е државата.

– Треба да се направи план за производство, што е тоа што ни треба за домашни потреби, за извоз, поддршка во репроматеријали, да се намали производна цена за да им се исплати пазарната. Потребна е едукација, следење на пазарите, а не одело лани, ајде сега сите ќе садиме, здружување, почитување на договори, субвенции, интервентен фонд… Има мерки, има закон, има начин – потенцираше Николовска.

Земјоделецот Васко Курјачки вели дека просечната откупна цена на пиперката не смее да биде под 40 денари. Како администратор на фејсбук-групата „Македонски тутунари“, тој јавно му се обрати на министерот за земјоделство Борче Серафимовски.

„Министерот да си провери до каде е со исплатата на субвенциите за пиперот, како и до каде е исплатата на пиперот што беше откупен лани. Текстот е во функција на помош на министерот, да се ги превенира состојбите, а не да оди од откуп на откуп и да гасне пожарчиња што ќе се појавуваат одново и одново секој ден“, напиша Курјачки.

 Преработувачите се субвенционираат

Министерот Серафимовски, кој присуствуваше на протестот на земјоделците во Струмица, рече дека државата не може да одреди откупна цена, но дека тие се договориле со откупувачите за откупните цени и договорот треба да се почитува. Така, првата категорија треба да се откупува по 40 денари, втората категорија и индустриската по 30 денари и шкартот (како што рече) по 15 денари.

Земјоделците, пак, прашуваат: „Кој е тој откупувач што не може да го контролира државата кога му дава субвенции за преработка?“

Земјоделецот Игор Мирчевски, кој во јавноста е познат по острите критики на земјоделските политики што досега се водеа во својата јавна објава, го анализираше проблемот.

„Земјоделците се оставени на милост и немилост на ограничен број откупувачи во државата. Знаејќи дека производителите немаат многу други можности каде да го пласираат својот производ, откупувачите лесно можат да ги усогласат своите интереси и, водени пред сè од желбата за сопствен профит, да понудат цени што не ги вреднуваат реално работата, трошоците и ризикот на земјоделецот. Апсурдно е за мала држава, со релативно ограничено земјоделско производство, да не може навреме да обезбеди дополнителни пазари и пласман на земјоделските производи надвор од државата, особено на европскиот и на пазарите надвор од ЕУ“, напиша Мирчевски.

Тој вели дека на Македонија не ѝ треба само политика што ќе му помага на земјоделецот како да преживее една сезона. Потребна ѝ е политика што ќе му овозможи однапред да знае што ќе произведува, за кого ќе произведува, во која количина, според кои стандарди и по кои услови ќе го продава производот. Тоа е патот кон конкурентно, одржливо и профитабилно македонско земјоделство, заклучува Мирчевски.

Откупни цени на црвените пиперки во регионот

Од Националната земјоделска мрежа информираа за откупните цени на црвената пиперка во регионот.

Оттаму тврдат дека во Србија црвената пиперка се откупува по цена од 0,6 до 0,9 евра за килограм во зависност од класата.

Во Бугарија, откупот на црвената пиперка (капија) за конзервната индустрија преку откупните пунктови и земјоделските кооперативи се движи во рамките од 0,7 до едно евро за килограм за прва класа, додека индустриската класа за мелење или сосови се откупува по пониски тарифни стапки (околу 0,4 – 0,5 евра).

Во Хрватска имаат мало производство и откупот е по цени од 0,8 до 1,2 евро.

И Словенија има мали количини. Затоа, класичен „фабрички откуп“ за ајвар практично не постои во поголем обем. Локалните земјоделски кооперативи откупуваат мали количини директно од фармерите по цена од околу 1,2 до 1,5 евра за килограм, додека остатокот се покрива со увоз од други држави.

Во Црна Гора ​на малите откупни пунктови и од страна на локалните преработувачи, откупната цена за свежата црвена пиперка во есенскиот период се движи од 0,9 до 1,3 евра за килограм, но поради ограниченото домашно производство, голем дел од суровината се обезбедува преку увоз од нашата земја и од Србија.