Европската централна банка се приближува кон ново зголемување на каматните стапки во септември, откако инфлацијата во еврозоната повторно се оддалечи од целта од два проценти, а високите цени на енергијата продолжуваат да создаваат притисок врз економијата.
Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, оцени дека каматните стапки треба дополнително да се зголемат за инфлацијата во среден рок повторно да се доближи до посакуваното ниво. Според неа, сегашната монетарна политика сè уште не е доволно рестриктивна за целосно да ги ограничи инфлациските ризици.
Во ЕЦБ сè посериозно се разгледува зголемување на депозитната каматна стапка од сегашните 2,25 на 2,50 проценти на состанокот во септември. Централната банка во јуни веќе ги зголеми каматите за 0,25 процентни поени, што беше прво зголемување по речиси три години, а во јули ги остави непроменети.
Причина за новиот притисок е инфлацијата во еврозоната, која во јули достигна 2,9 проценти, во споредба со 2,8 проценти во јуни. Особено силно влијание имаат енергентите, чии цени на годишно ниво пораснаа за 10 проценти.
Повисоките каматни стапки во еврозоната значат поскапо финансирање за банките и можат подолго да го задржат притисокот врз каматите за станбени, потрошувачки и деловни кредити. Конечната одлука на ЕЦБ ќе зависи од новите податоци за инфлацијата и економската активност што ќе бидат објавени пред септемврискиот состанок.