Министерството за економија и труд објави два нови јавни повици со вкупна финансиска поддршка од 7 милиони денари, наменети за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.

Со јавните повици се обезбедува конкретна поддршка во две значајни области – зајакнување на соработката меѓу компаниите и универзитетите преку заеднички проекти, како и воведување, имплементација и сертификација на стандарди и развој на практики на општествена одговорност.

„Нашата определба е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата. Со овие два јавни повици обезбедуваме вкупно 7 милиони денари за преработувачката индустрија, со фокус на иновациите, знаењето, новите технологии, стандардите и поголемата конкурентност. Сакаме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари“, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.