Проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи од Западен Балкан во Шенген-зоната повторно ескалира, а транспортните здруженија најавуваат нови протести доколку Европската унија не понуди конкретно решение.

Според Асоцијацијата за меѓународен транспорт, само во текот на последната недела повеќе од 50 српски возачи биле вратени од границите на Шенген. Од асоцијацијата велат дека возачите и понатаму се соочуваат со апсења, депортации и забрани за влез поради ограничувањето на престојот.

Транспортерите тврдат дека и покрај повеќемесечните разговори и апели, досега не е понудено практично решение за професионалните возачи, чија работа по природа бара почест и подолг престој во земјите од ЕУ.

Поради тоа, транспортните компании и нивните вработени најавуваат нова протестна акција. Почнувајќи од 14 септември 2026 година, се планирани протести на граничните премини кон Европската унија, во координација со превозници и возачи од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Пред почетокот на протестите, транспортерите планираат и мирни собири пред делегациите на Европската унија во четирите земји. На тој начин, како што наведуваат, ќе упатат уште еден повик до Европската комисија и земјите членки да се најде решение што ќе им овозможи на професионалните возачи непречено да ја извршуваат својата работа.

Од транспортните организации предупредуваат дека доколку не следи конкретен одговор, протестите на границите ќе бидат нивниот следен чекор и единствениот механизам со кој, како што велат, можат да го свртат вниманието кон проблемот што директно влијае врз транспортниот сектор во целиот Западен Балкан.